1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошки мерки и против авиокомпаниите

10 јули 2008

Во борбата за заштита на климата ЕУ сега се сврти и кон воздухопловните компании: од 2012-та и авио-компаниите треба да бидат вклучени во трговијата со права на емисии на гасови. За патниците тоа ќе значи повисоки цени.

https://p.dw.com/p/EZzH
Фотографија: Bilderbox

Се’ повеќе авионски летови во европскиот воздушен простор значат и се’ повеќе  издувни гасови. Воздушниот сообраќај сега учествува со само три проценти во вкупната емисија на гасови што предизвикуваат ефект на оранжерија во атмосферата, но тоа е двојно повеќе отколку во 1990-та. Во 2020-та, пак, се смета на удвојување во однос на денешното ниво.

Европската Унија сака да го запре тој тренд и загадувањето да го задржи на денешното рамниште. Затоа, од 2012-та година сите авио-компании кои ќе полетуваат или слетуваат на европските аеродроми, ќе мораат да купуваат права на издувни гасови, какви што постојат за индустријата. Тоа треба да ги натера да користат еколошки подобна авионска техника. Такви мерки на светско ниво досега блокираа САД, па сите надежи се врзуваат за наредниот американски претседател.


Цехот ќе го платат патниците


Патниците мора да сметаат на тоа дека дополнителните трошоци за авио-компаниите - а Луфтханза, на пример, смета на трицифрена милионска сума годишно - ќе бидат вградени во цената на билетите. Европратеникот Петер Лизе од ЦДУ, експерт за оваа област, смета дека оптоварувањето нема да биде преголемо: „За лет од Франкфурт до Мајорка и назад максимално 6 евра и 20 центи. Се надеваме дека ќе биде и помалку“. На интерконтиненталните летови, пак, поскапувањето на билетите по оваа основа би требало да изнесува максимално 40 евра.


Единствено крајната цена на билетот ќе смее да се рекламира


Авио-компаниите во иднина не ќе смеат да рекламираат ефтини летови, туку ќе мораат да ја прикажат крајната цена што мора да ја плати патникот. Досега компаниите го објавуваа само својот удел во цената, но не и аеродромските такси или други давачки. Вака ќе се внесе прегледност и патникот од прв момент ќе знае колку, всушност, ќе го чини билетот.

►◄