1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошко село извезува струја

Бернвард Јанцинг/ Светлана Брик24 март 2012

Енергетскиот обрт во Германија е службена политика на владата. Но, граѓаните се во прв ред тие кои го поттикнуваат. Во некои општини веќе денес 100 насто од енергијата се одбива од обновливи извори. Текст:

https://p.dw.com/p/13bIr
Еколошкото село Фрајамт на југот на ГерманијаФотографија: DW/ Daniel Scheschkewitz

Фрајамт е вистински рај за секој кому на срце му лежи заштитата на природата и зачувувањето на околината. Скоро половината од општината е покриена со шума, насекаде природа, шарени ливади и чисти потоци. Се наоѓаме на југот на Германија, на границата кон Франција, во Шварцвалд. Но, тоа не е се´: она што Фрајамт најмногу го одликува е сеопфатното и многу доследното користење на обновливите извори на енергија: ветерот, сонцето, гасот од органски материи, водата и секако дрвото. Благодарејќи на тој концепт Фрајамт со своите 4.200 жители стана извозник на енергија.

Freiamt in Süddeutschland alternative Energien NEU
Ветерница на ридот околу местотоФотографија: Reiner Heß

Во Фрајамт н е се размислува само еколошки туку еколошки и се делува. Така одлуката на соседниот рид да се градат две ветерници во месната заедница е донесена едногласно уште пред повеќе години, кога таа тема не беше толку во мода. „Нашите граѓани се конзервативни и верни на родниот крај“, објаснува градоначалникот Ханелоре Рајнболд-Менш.

Ангажман околу енергетскиот обрт

Ернст Лајмер е претседател на Здружението за поттикнување на енергијата од ветер во Фрајамт и веќе во 1977 година се ангажирал во местото да се градат елекрани на ветер. Го правел тоа со убедување, како противник на користењето атомска енергија за производство на струја и во рамки на борбата против климатските промени во светот. Освен тоа Лајмер се залага за зачувување на селските структури во Германија.

Уште во седумдесетите години жителите на само 20 километри оддалеченото село Вил со нивните протести ја спречиле изградбата на една атомска електрана. „Ми беше важно да не гради кој било ветроелектрана тука кај нас, туку тоа ние самите да го направиме”, објаснува Лајмер и гордо покажува на околните ридови: „Денес тука се изградени пет големи ветроелектрани на ридовите на општината, нивен сопственик е група од повеќе стотици граѓани.“

Öko-Gemeinde Freiamt im Breisgau, Alte Kirche
Црква во ФрајамтФотографија: DW/ Daniel Scheschkewitz

Луѓето во Фрајамт се уверени во исправноста на користењето обновливи извори на енергија. Многумина поставуваат соларни ќелии на покривот на својата куќа. Моментно во погон се 200 такви системи кои произведуваат вкупно три мегавати електрична енергија. Освен тоа се поставени и околу 150 соларни погони за загревање на водата. „Во здружението се активни угледни граѓани на местото и кога тие нешто ќе предложат, тоа веќе има извесна тежина”, вели градоначалникот Ханелоре Рајнболд-Менш.

Покрај енергијата од ветер и соларната енергија во Фрајамт е многу раширена и преработката на органски материи за добивање на гас. Тие погони за производство на т.н. „билошки гас“ во посебен процес користат биомаса за производство на гас и зависат од тоа што може да се најде во самиот регион и што е погодно за преработка. Во Фрајамт се работи за стебла на житарици и измет од една фарма за мисирки. Уште еден облик на воспоставување енергетска автономија е користењето дрва за греење – печките на дрва се омилени во Фрајамт.

Енергетска автономија наместо зависност

Freiamt in Süddeutschland alternative Energien
Насекаде соларни ќелии по покривите на куќитеФотографија: Reiner Heß

Користењето на обновливите извори на енергија во Фрајамт е начин на живот. И локалната пекара со струја се снабдува од своја сопствена ветроелектрана и сопствена воденица – и тоа веќе со децении. Пекарот Фридрих Мелерт раскажува дека уште пред 30 години дошол во нивната куќа човек од големиот енергетски концерн и се обидел да го убеди татко му да ја запре својата ветроелектрана. Тој тврдел дека таа повеќе не му е потребна, бидејќи сега веќе настапиле нови времиња и има ефтина атомска енергија во изобилство. Но, таткото не го послушал и го избркал од дома. Во семејството на Фридрих Малерт и денес се гордеат со тоа.

Пример за германскиот енергетски пресврт

Freiamt in Süddeutschland alternative Energien
И селските имоти користат електрична енергија од обновливи извориФотографија: Reiner Heß

На крајот на приказната за Фрајамт и неговата енергетска политика стојат бројките – и тие говорат за себе. Во местото годишно се произведуваат вкупно 14 милиони киловат часови електрична енергија исклучиво од обновливи извори како што се сонцето, ветерот или биомасата. Освен тоа ова лето е покрената уште една ветроелекрана која годишно ќе произведува дополнителни четири милиони киловатчасови. Од друга страна во местото годишно се трошат само 12 милиони киловатчасови – и тоа севкупно, како за приватните домаќинства така и за производните погони. Тоа значи дека Фрајамт веќе одамна произведува вишок електрична енергија која потоа ја „извезува” во одводната мрежа.

Граѓаните со својот Фрајамт и она што го постигнале се многу горди, а во меѓувреме местото се прочуло и надвор од границите на општината. Се´ почесто во малиот Фрајамт во Шварцвалд доаѓаат делегации од Германија и од странство кои сакаат да го запознаат нивниот енергетски модел.