1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еколошко стопанство како мотор на растот

Сабине Кинкарц/Б. Георгиевски26 мај 2013

Во ЕУ повеќе од 26 милиони луѓе се без работа, а се очекува таа бројка да расте. Нови работни места ќе се отворат само со подобрување на економијата. Дали кон тоа може да придонесе еколошкото стопанство?

https://p.dw.com/p/18Sv5
Фотографија: picture alliance / Paul Mayall

Политичките барања се јасно формулирани. Повеќе енергија од обновливи извори, поголема енергетска ефикасност, помала емисија на јаглерод-диоксид, повеќе технологија која не ја загадува околината. Со години европските претседатели на држави и влади во своите планови ја ставаат и заштитата на климата. Тоа е огромен проект со извонредно голем потенцијал за инвестиции и работни места.

Но, зелената револуција никако да почне, меѓудругото и затоа што Европа во бројни подрачја е во криза, вели Јерг Цојнер, главен економист на државната банка за обнова КФВ. „Побарувачката опаѓа, во Европа премногу се штеди. Имаме проблем со финансирање бидејќи финансискиот сектор е во криза, имаме несигурност во планирањето бидејќи во бројни земји се спроведуваат реформи на даночните системи и на системот на регулирање“.

Symbolbild Alternative Energien
Фотографија: VRD - Fotolia

Технологијата подготвена

Тоа се лоши претпоставки за големи инвестиции. Иако технологијата за подобра заштита на климата и прилагодувањето на климатските промени во голем дел веќе постои и чека на примена, вели директорот за одржливост во технолошкиот концерн Сименс, Керстен- Карл Барт.

„Веќе постои околу 70 отсто од технологијата која ни е потребна за да го постигнеме намалувањето на емисиите на јаглен-диоксид планирано до 2030 година“. Во секој случај, на полето на технолошките иновации мора и натаму интензивно да се инвестира и да се истражува за да се задржи чекорот со конкуренцијата. „Ткн. зелена економија е натпревар, и ние едноставно мора да бидеме меѓу победниците, во спротивно ќе се соочиме со проблеми“, вели Барт.

Голема пречка е сигурноста на инвестициите, значи прашањето што на долг рок ќе се случува со парите? „Говориме за одржливи инвестиции, инвестиции во инфраструктурата, во градовите, во железницата, енергетскиот сектор, во индустријата. Тоа се одржливи, долгорочни инвестиции, чија сигурност мора да биде гарантирана со законски услови“, објаснува Барт. Токму тие услови се полни со дупки во ЕУ, критикува менаџерот на Сименс.

Сигурност на инвестициите

Втор пример се субвенциите. Инвеститорот мора да биде сигурен во тоа во кој износ и колку долго една држава ќе ја поддржува, на пример, производството на енергија од обновливи извори“, вели Матијас Целнер од Европската инвестициона банка.

Symbolbild - Green Economy
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Кога говориме за зелениот раст важно е навистина долгорочно да се работи на истражувања и иновации“, вели Целнер. Не е доволно да се заменат електраните на јаглен на електрани на ветер, ефектот од тоа е краткорочен.

„Потребно е да се трансформира стопанството, тоа ќе се одрази и на други сектори и ќе доведе до поголеми инвестиции и во други сектори“, тврди Целнер.

Тој од политиката очекува да ги постави законските рамки и материјалната поддршка на тој начин што ќе се создадат можности за изградба на еколошко стопанство. Но важно е исто така да се тргнат старите инвестициски препреки во Европа- оние кои немаат никаква врска со екологијата. Илузија е да се верува дека пречките, како што е застарената инфраструктура, реформите на пазарот на трудот или бирократските препреки, ќе исчезнат сами од себе затоа што се инвестира во еколошки фирми, вели Целнер.