1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Економист“ за македонските политички збиднувања

25 февруари 2011

Скандали, тензии и превирања. Угледниот лондонски магазин ја сецира состојбата во Македонија. Проблеми има многу, но кој да ги реши? Популистот Груевски или уморниот Црвенковски?, пишува весникот.

https://p.dw.com/p/10PQy
Фотографија: dpa

Сакате избори? Добро. Од минатиот месец македонската опозиција, Социјалдемократите кои го бојкотираат Парламентот, бараат предвремени избори. Па замислете го изненадувањето кога Никола Груевски, премиерот- популист се согласи. Неговата математика е едноставна: тој ќе победи. Тоа ги извади од рамнотежа Социјалдемократите. Условите не се добри за предвремени избори, одеднаш обвинуваат тие и бараат да нема избори пред јуни.

Ова се наведува во анализата на угледниот „Економист“ за политичката ситуација во Македонија. Скандалите, тензиите и превирањата во Македонија, за „Економист“ се вообичаена работа.

Според британскиот магазин, политиката во Македонија била затруена во ноември минатата година, кога полицијата влегла во А1 телевизија, приватна телевизија која е критична кон власта на Груевски. Еден месец подоцна, беше уапсен и Велија Рамковски, сопственикот на телевизијата. Во случајот не се работи за слободата на медиумите, вели за „Економист“ извор близок до владата, туку Рамковски, едноставно, никогаш не плаќа данок.

Целата афера е екстремно нејасна. Во јавноста беа објавени листи со детали од платите на вработените новинари во А1, вклучително и исплатите кои им биле вршени во готово. Но, Слаѓана Тасева, прв човек на македонското претставништво на Транспарентност, вели дека таквиот начин на исплата е карактеристичен за многу луѓе во македонскот приватен сектор. Одлуката да се гони само А1 телевизија покажува дека аферата е насочена кон замолчување на медиумите.

Македонската политика е три-димензионален шах

Кој ќе излезе како победник од целата оваа мешаница? Македонските анкети се неверодостојни, но тие сугерираат дека Груевски е многу попопуларен од Црвенковски, неговиот опозициски противник. Невработеноста е висока, а спорот за името со Грција нерешен, што е причина за блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Би можело да се очекува дека овие проблеми би и оделе во прилог на опозицијата. Но, Црвенковски беше премиер два пати и претседател еднаш. Не можеше да ги реши проблемите тогаш, а денес изгледа уморен, стои во анализата.

Titelbild des Economist vom August 2005

За да бидат нештата покомплицирани, македонската политика е игра на три-димензионален шах. Четвртина од населението се етнички Албанци, кои гласаат за свои партии. Коалициски партнер на Груевски е Али Ахмети од ДУИ. Аналитичарот Суад Мисини, вели дека Ахмети е потресен по обвинувањата за соработка со српските тајни служби, нешто што Ахмети го демантираше.

Тензиите меѓу етничките групи во земјата неодамна пламнаа поради конструкцијата на црква-музеј на старата скопска тврдина, со која не се согласуваат Албанците. Владата вети дека ќе ја сопре изградбата. Работниците се прикрадоа ноќе за да работат, а Албанците за да ја срушат. Десет години откако герилците на Ахмети за малку не ја воведоа земјата во војна, никој не сака обновување на конфликтот. Но, проблемите нема сами да си заминат, пишува „Економист“.

Извор: Економист/миа

Редактор: Борис Георгиевски