1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економични мотори и за товарните возила

Сабине Кинкарц / Зоран Јордановски22 септември 2012

Стопанството не може без товарни возила. Најновите модели сега се изложени во Хановер. ИАА-стопански возила е најважен саем од тој вид во светот. Секој втор излагач на саемот е од странство.

https://p.dw.com/p/16Cdw
Фотографија: picture-alliance/dpa

На 64. меѓународна автомобилска изложба за стопански возила се претставува една ширум светот застапена и активна стопанска бранша. Учесниците од странство ги предводи Кина со 152 излагачи, веднаш зад неа се Турција и Италија. Севкупно на ИАА во Хановер се претставуваат повеќе од 1900 излагачи, девет проценти повеќе отколку на претходниот саем пред 2 години.

Доминантната тема уште еднаш гласи „ефективност“ - не е ни за чудење, со оглед на растечките цени на нафтата и се’ построгите еколошки прописи. Германските излагачи поентират со возила кои ги исполнуваат најновите норми за издувни гасови (Еуро 6). Споредено со товарните возила од поранешните времиња, направен е квантен скок, смета Матијас Висман, претседател на Здружението на автомобилската индустрија (ВДА). Во однос на Еуро 1, емисиите на штетни издувни гасови се намалени за 98 до 99 проценти, вели Висман: „Некој на шега има кажано дека во меѓувреме зад ауспухот воздухот е почист, отколку во околината. Тоа е техничко ремек-дело, што кај Еуро 6 е постигнато со инвестиции изразени во милијарди“.

Техничкиот напредок чини пари

Милијарди што производителите треба да си ги вратат преку цените на возилата. Шпедитерите мораат да платат до 12 илјади евра повеќе за ново возило, ако тоа треба да ги исполнува најновите норми за издувни гасови. ВДА смета дека патарината за возила со Еуро 6 норма треба да биде намалена од сегашните 14 до 28 центи за поминат километар (во зависност од бројот на оски и од издувните гасови на возилото), на 10 центи, за новите возила да бидат економски поатрактивни.#

IAA 2012 Hannover Mercedes
Шпедитерите мораат да платат до 12 илјади евра повеќе за ново возило, ако тоа треба да ги исполнува најновите норми за издувни гасовиФотографија: dapd

Додека емисиите на азотен оксид и микропартикли кај најновите мотори тендира кон нула, се’ уште нема голем напредок кај емисиите на јаглен диоксид. На ИАА обемно се третираат алтернативни погони - електромобилност, хибриди и горивни ќелии, но за тешки камиони уште долго дизел-моторот ќе остане клучен, вели Матијас Висман и аргументира: „Не може економски да се користи 40-тонски камион со приколка, на електричен погон, оти поради батериите би биле загубени повеќе тони од носивоста“.

Иднината е дигитална

Но, кај јаглен-диоксидот може да се заштеди и на друг начин. 40 проценти од потрошувачката на гориво во сообраќајот на патиштата одат за совладување на отпорот на воздухот. Затоа инженерите работат врз аеродинамички подобрувања, кои на ИАА се прикажани како студии за иднината или пак како проекти на влечни возила и трејлери речиси подготвени за сериско производство.

Друга тема на саемот е дигиталното вмрежување. „Тоа е битно во секторот на стопански возила, оти е од голема важност за економично работење. Возилото се’ повеќе ќе комуницира - со интернет, со други возила или со инфраструктурата. Во преден план се телематиката, системи за асистенција на возачот, менаџмент на сообраќајот и информирање и забава.

IAA Nutzfahrzeug Messe Hannover
Фотографија: picture-alliance/dpa

Но, ширум светот одлично се продаваат и не толку сеопфатно опремени возила од германски производители. Поради кризата, во Западна Европа годинава навистина ќе бидат продадени само 250 илјади камиони од преку 6 тони, 4 проценти помалку од лани. Затоа пак компензација, дури и повеќе од тоа, ќе биде постигната на американскиот пазар, кој со преку 350 илјади продадени тешки камиони ќе забележи пораст од околу 20 проценти. Околу една третина од нив се од германско производство. Речиси исто толку добро германските производители можеа да профитираат и од зголемената побарувачка во Русија. Таму пазарот на товарни возила годинава бележи пораст од околу 25 проценти и со 160 илјади продадени возила е двојно поголем отколку пазарот во Германија.