1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата доминантна во српската предизборна кампања

Саша Бојиќ / Елизабета Милошевска Фиданоска4 мај 2012

На 6 мај Србите избираат нов претседател и состав на парламентот, а се одржуваат и покраински и локални избори. Изборен маратон на кој му претходеше кампања во која не доминираа прашањата на Косово и ЕУ, туку економијата

https://p.dw.com/p/14pbm
Фотографија: DW

Ниту еден кандидат за претседател во текот на кампањата не ја тематизираше интеграцијата на Србија во ЕУ. „За изборот на теми во предизборната кампања одлучувачко беше расположението на народот, кој се интересира исклучиво за економски теми“, вели Александра Јоксимовиќ, претседател на Српскиот центар за надворешна политика. Откако Србија во март доби статус на кандидат за приклучување кон ЕУ, темата е „надмината и неинтересна во изборната кампања“.

Стратешката ориентација на Србија не се става под знак прашалник од ниту еден од двајцата кандидати за претседател кои имаат најголеми шанси за победа - и Борис Тадиќ од Демократската партија и неговиот најсилен предизвикувач Томислав Николиќ од опозиционата Српска напредна партија сакаат да ја донесат Србија во ЕУ. Нивните партии најверојатно ќе бидат и во иднина најсилни во српскиот парламент.

Wahlkampagne Wahlkampf Wahlen Serbien
Фотографија: DW

Само мал број партии се обидуваат да се одвојат од другите со тоа што му се спротивставуваат на приклучувањето на земјата во ЕУ. Тоа, меѓу другото, важи за Демократската партија на Србија на поранешниот премиер Воислав Коштуница. Тој на претседателските избори, меѓутоа, има малку шанси. Според анкетите, трката ќе се води меѓу Тадиќ и Николиќ.

Спорот околу Косово одвај дека се споменува

Борис Тадиќ е нагласено проевропски ориентиран и неговата Демократска партија од времето на убиениот партиски лидер и премиер Зоран Џинџиќ важи за социјал-либерална и модерна. Најсилниот предзвикувач на Тадиќ, Томислав Николиќ, својата Српска напредна партија ја основаше во 2008. година, по одвојувањето од Српската радикална партија на ултрананационалистот Воислав Шешељ. Денес Николиќ важи за умерен и проевропски ориентиран националист.

Во изборната кампања во Србија не само што речиси и не се споменуваше ЕУ-курсот на земјата, туку одвај се зборуваше и околу спорот околу Косово. Србија не ја признава независноста на Косово и тука сите српски партии се речиси едногласни. Само Либерално-демократската партија, која според анкетите ќе го мине цензусот од пет проценти на изборите, е за признавање на независноста на Косово.

Wahlkampagne Wahlkampf Wahlen Serbien
Фотографија: DW

Косовските Срби кои имаат српски пасош можат да гласаат на парламентарните и претседателските избори во Србија. Гласањето ќе биде спроведено од страна на ОБСЕ, нешто со што се согласи и владата во Приштина. Белградскиот политиколог Душан Јањиќ нагласува дека со тоа српската влада се нашла во контроверза: „Како косовската влада, така и српската опозиција, во тоа гледаат целосно признавање на независноста на Косово и третирање на српската заедница таму како дијаспора.“

Дополнителен број војници на северот на Косово

Загриженост предизвикува одлуката на косовските Срби за одржување локални избори во сопствена режија, како се‘ уште да се граѓани на српска покраина. Владата во Белград препорача тоа да не се прави. За Приштина тоа е неприфатлива провокација. Поради тензиите кои се можни, Германија и Австрија испратија дополнителен број војници на северот на Косово.

И покрај ваквите политички тензии, клучни теми на изборната кампања беа невработеноста, економската мизерија и корупцијата. Речиси 25 проценти од Србите се невработени, стапката на инфлација достигна 11 проценти во текот на изминатите 12 месеци. Невработеноста и инфлацијата по изборите во 2008 година толку се зголемија, што новите предизборни ветувања за граѓаните звучат излитено и празно. Освен тоа, ветувањата на партиите речиси и не се разликуваат едни од други.

Serbien Wahlen 2012
Фотографија: DW

Можно е поради дезинтерес на гласање да не излезат токму младите избирачи. Од тоа би можел да профитира Томислав Николиќ, кој според актуелните анкети, е во благо водство. Сепак, по се‘ изгледа, ќе има втор круг гласање на кое ќе се бира меѓу Николиќ и Тадиќ.

Европската унија се надева на фер и коректни избори. „Се надеваме дека новото политичко раководство по изборите, новата влада, ќе биде поотворена за регионална соработка и ќе остане на европскиот пат“, изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.