1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економските платформи не се во фокусот на партиите

Горан Петрески13 мај 2008

Милијарда странски инвестиции, пониски даноци, повисоки плати, нови работни места - во Македонија е сезона на големи слатки ветувања. Ближат изборите.

https://p.dw.com/p/Dyrk
Фотографија: DW

Владеачката ВМРО ДПМНЕ за овие избори ја дополни програмата во сто чекори. Лидерот, Никола Груевски, вети дека преродбата продолжува и потсети на остварените ветувања во изминатите две години: „Македонија знае и кој ги намали даноците на 10%, најниско во Европа. Македонија знае кој го зголеми, а кој го намали данокот на додадена вредност на лековите, на медицинската опрема, на земјоделските репро материјали, на јавниот превоз, знааат да проценат кој за само 20 месеци за десетина пати ја зголеми државната поддршка за земјоделците во Македонија и кој го дуплираше буџетот за образованието во Македонија“.

ДУИ ветува милијарда евра инвестиции

Опозиционерот од албанскиот политички блок, Али Ахмети во предизборието изненади со обидот освен како најголем борец за правата на своите сограѓани да се претстави себеси и како економски спасител на Македонија. Вети милијарда евра инвестиции што ќе ги обезбедел од албанската дијаспора и сто илјади нови работни места: „Годишен раст на економијата со ритам од 6 до 8 проценти, сто илјади нови работни места, намалување на даноците, поддршка на малите и средни претпријатија, развој на земјоделството и сточарството“, рече лидерот на ДУИ.

Skope,GTC
Фотографија: DW

Економијата за ДПА не е главна тема

Во таборот на противникот, владеачката ДПА, економијата не е топ тема, освен ветувањата во сферата на здравството, сектор со кој во изминатите две години раководеше еден од нивните челници. Имер Селмани ветува дека реформите во здравството ќе продолжат со несмалено темпо: „Ние со оваа кмапања ќе влеземе и внатре во заедниците кои што се најмаргинализирани во нашето општество, кај ромската популација, во населените места каде што и нема лекари, така што мислам дека добивката не е само за луѓето кои што живеат во центарот на град Скопје, туку и во сите населени места, во местата каде што и нема документи за идентификација.“

СДСМ би го намалила ДДВ-то за нафтените деривати

Опозициската партија, СДСМ, ја обвини владата за високата стапка на инфлација и понуди програма што ќе донесе раст на економија и подобрување на животниот стандард. Потпретседателот на СДСМ, Игор Ивановски се осврна на даночната политика: “Ќе донесеме закон за враќање на дел од ДДВ на потрошувачите кои ги доставуваат сметките до управата за јавни приходи. Граѓаните од секоја фискална сметка ќе добијат 15% од износот на ДДВ што тие го платиле на државата. Второ, намалување на стапката на ДДВ за нафтените деривати од 18% на 5%, кое би важело за одреден период, во кој детално ќе се анализираат ефектите од стојалиште на вкупната потрошувачка од една страна, и особено од аспект на државните фискални прибирања од друга страна. Со овој закон цената на бензинот ќе се намали.“

И покрај тоа што партиите знаат дека граѓаните се преокупирани со економски тешкотии, политичките теми доминираат и во оваа изборна кампања. Политичарите повеќе време трошат во докажување кој е поголем патриот отколку во спротивставување на економските платформи. Некои воопшто немаат економски програми, па се обидуваат сопствениот недостиг да го надоместат со критика на програмата на противникот.