1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економските прогнози станаа како лотарија

Ролф Венкел/Б. Георгиевски4 ноември 2013

Германското стопанство следната година ќе порасне меѓу 1,7 и 1,8 отсто, велат Владата и Институтите. Тоа се глупости, одговараат економски експерти, кои сметаат дека тоа никој не може да го предвиди.

https://p.dw.com/p/1ABI7
Фотографија: picture-alliance/dpa

Глобалната финансиска криза и должничката криза во еврозоната покажаа едно нешто: економските науки не се во состојба да ги предвидат. Нивните модели се покажаа неточни и беа далеку од реалноста, велат експертите. Еден од нив е Франк Ридел, професор по математика и економија на Универзитетот во Билефелд и директор на Центарот за математичка економија. Тој ја објави и книгата „Вината на економистите“ во која тврди: прогнозите немаат научна основа.

За тоа, според него, има повеќе причини. Германија има околу 40 милиони домаќинства и околу два милиони фирми. Со оглед на тоа дека е тешко да пресметаат 42 милиони различни примероци на однесување, економските научници своите модели ги редуцираат на репрезентативен примерок од домаќинства и една симболична компанија. Тие модели се всушност многу добри за толкување на некои движења во националното стопанство, но „повеќе на филозофско рамниште“, вели професор Ридел. Но со нив не е можно да се пресмета „конкретно стопанскиот раст“.

Deutschland Wirtschaft Finanzmärkte Börse in Frankfurt
Фотографија: AP

Пресудно е тоа што мнозинството математичко-статистички модели не ги земаат во предвид финансиските пазари, претпоставувајќи дека тие немаат влијание врз реалното стопанство. А најновите кризи покажаа дека несигурноста и недостатокот на меѓусебна доверба меѓу банките има многу силно влијание врз кредитите и инвестициите, врз пазарот на трудот и пазарот на стоки. „Оној кој ги нема финансиските пазари во својот модел не може ни да предвиди дека доаѓа финансиска криза. А финансиските кризи, секако влијаат врз стопанскиот раст“, вели професор Ридел. Тој додава дека економските експерти добро знаат дека бројките зад запирките во прогнозите за економскиот раст се целосно безначајни, но смета дека и бројката пред запирката не е целосно доверлива. „Со статистичка точност за актуелните прогнози може да се каже дека стопанскиот раст ќе биде меѓу 0,6 и три отсто“, вели Ридел.

Економски прогнози без општествена анализа

Слично аргументира и економистот, менаџерот на фондови и автор Макс Оте кој уште во 2006. во својата книга „Крахот доаѓа“, ја предвиде глобалната финансиска криза. Во економските науки по Втората светска војна се проби математички догматизам и схоластика, вели Оте. „Тоа може да се смени доколку стопанските науки се отворат за социолошките пристапи, се‘опфатните пристапи, и прифатат дека во општествените процеси секогаш се работи за структурите на моќта“, вели Оте. Според него, економската наука тоа го утврдила уште пред 80 или 100 години со политичката економија и социолошката економија, но во меѓувреме тоа било потиснато.

Секогаш се работи за општествените процеси, за луѓето, за нерамнотежата и структурите на моќта, вели Оте, а речиси сите економисти работат под претпоставка дека „тоа ќе го регулира пазарот“. „Нема единствен пазар, постојат многу различни пазари, кои делуваат и функционираат различно“, вели Оте. Тој смета дека предвидувањето на стопанскиот развој мора да поаѓа токму од тоа, но тоа ретко кој го прави.