1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

8 април 2010

Светската банка издвои рекордни 100 милијарди долари за кредитирање на земјите во подем; Претставници на кинеската централна банка проценуваат дека девалвација на јуанот не би била од интерес ни за потрошувачите во САД.

https://p.dw.com/p/Mpyv
Централата на Светска банка во ВашингтонФотографија: ullstein - Giribas

Во изминатите 18 месеци, во времето на финансиската криза, Светската банка издвои рекордни 100 милијарди долари за кредитирање на земјите во подем. Преку 60 милијарди им се доделени на земји со средно голем домашен бруто-производ, кои тешко можеа да дојдат до пари преку финансиските пазари, соопшти синоќа (07.04.2010) Светската банка. Најсиромашните земји, за чие кредитирање вообичаено годишно се издвојуваа 12 милијарди, во времето на кризата добија вкупно 21 милијарда долари. Многу држави се обидоа со барање кредит од Светската банка да избегнат кратења во системот за социјална заштита.

Претставници на кинеската централна банка проценуваат дека брза девалвација на јуанот, како што бараат САД, не би била од интерес ни за американските потрошувачи, ниту за целокупната светска економија. Во борбата против економската криза Кина во јули 2008 година го врза курсот на јуанот за американскиот долар и со тоа ја запре тригодишната континуирана ревалвација. САД и’ префрлуваат на владата во Пекинг дека со тоа сака да создаде предност за своите претпријатија - извозници во конкурентската борба.

Нарачките кај јапонската машиноградба два месеца последовно опаѓаат. Во февруари тие се неочекувано намалени за 5,4 проценти во однос на јануари. Состојбата со побарувачката во машиноградбата се смета за индикатор за инвестициите на претпријатијата во наредните шест месеци. Јапонската економија, навистина, полека зема замав, но и’ се заканува опасност од долготрајната дефлација и паѓањето на цените.

Американските воздухопловни компании „УС ервејс“ и „Јунајтед ерлајнс“ преговараат за фузионирање. Со тоа би настанала втора по големина воздухопловна компанија во САД. Според пишувањето на „Њујорк тајмс“, всушност „УС ервејс“ сака да го купи „Јунајтед ерлајнс“. Преговорите, според весникот, би можеле да потраат уште неколку недели, пред официјално да биде објавена фузијата.

Автор: Цанг Донг/Ролф Венкел/Зоран Јорадновски

Редактор: Александра Трајковска