1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Nachrichten Wirtschaft

3 јуни 2010

Американската влада поведе цивилна и кривична истрага против „Бритиш петролеум“; по серијата самоубиства, платите во кинески „Фокскон“ зголемени за 30 проценти; надминат е спорот околу платите кај германски „Шлекер“.

https://p.dw.com/p/Nfsi
Во кинески „Фокскон“ работат претежно млади луѓе од провинцијаФотографија: AP

Американската влада поведе цивилна и кривична истрага против енергетскиот концерн БП (би-пи) поради еколошката катастрофа во Мекисканскиот залив, објави министерот за правосудство Ерик Холдер по средбата со надлежните државни обвинители. „Нашите закони за еколошка заштита се многу недвосмислени“, рече министерот и оцени дека има доволна основа за покренување истражна постапка. Владата е и законски обврзана на ваков чекор. Во истрагата учествува и федералната полиција ФБИ (еф-би-ај).

Германскиот фармаколошки и хемиски концерн „Бајер“ од Леверкузен има намера со правни средства да спречи воведување на генеричка верзија на своите контрацептивни пилули „Јаз“ во САД. Плановите на израелската фирма „Тева“, водечка во светот во производство на генерички лекови, во „Бајер“ ги оценуваат како повреда на нивното патентно право врз тој лек. Концернот „Вајер“ веќе поднесе тужба против „Тева“ пред американски суд. Комплексот производи за контрацепција лани му донесе приход од 1,28 милијарди евра на одделот „Бајер Шеринг фарма“ и претставува најдоходовен продукт.

Schlecker Filiale
Вработените во „Шлекер“ ќе добиваат плати според тарифниот договор на покраинта Баден ВиртембергФотографија: AP

Платите во тајванското претпријатие „Фокскон“, најголем производител на електроника во светот, се зголемени за 30 проценти, или од 900 на 1200 јуани, односно 143 евра. Претпријатието годинава се најде во фокусот на вниманието откако во неговата фабрика во Шенжен, град на југот на Кина, 10 работници извршија самоубиство, а тројца се обидоа да го сторат тоа. Серијата самоубиства отвори дебата за работните услови, ниските плати и стилот на раководење во „Фокскон“, опишан како „војнички“. Светски концерни, како „Ејпл“, „Хјулит-Пакард“, „Дел“, „Моторола“, „Нокиа“ и „Нинтендо“, за кои произведува „Фокскон“, поведоа сопствена истрага за состојбите таму.

Надминат е спорот околу дампинг-платите кај германскиот синџир продавници на дрогерија „Шлекер“. Околу 34 илјади вработени во „Шлекер“, по постигнатата согласност на раководството на претпријатието со синдикатот „Верди“, во иднина ќе бидат плаќани според тарифниот договор за трговија на мало од покраината Баден Виртемберг. На вработените во сегашните околу 8 илјади продавници на „Шлекер АС“ (а-ес) ќе им биде понудена под исти услови работа во новите, поголеми супермаркети на „Шлекер ХЛ“ (икс-ел), или пак отпремнина.

Автор: Ролф Венкел/Зоран Јордановски

Редактор: Трајче Тосев