1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

1 јули 2010

Избор од стопански вести: Германската индустрија и во јуни го одржа високото темпо на пораст; Порастот во кинеската индустрија попушта, што предизвика загриженост поради можно слабеење на конјунктурата.

https://p.dw.com/p/O7bG
Фотографија: dpa

Германската индустрија и во јуни го одржа високото темпо на пораст. Индексот што го изработуваат истражувачите од институтот „Маркит“, врз основа на анкета спроведена на 500 претпријатија, во јуни беше идентичен како и во мај, иако производството во индустрискиот сектор беше фактички поголемо. Особено голем пораст забележаа производителите на инвестициони добра. Претпријатијата имаа и зголемен број нови нарачки. Но, порастот на нарачките севкупно не е толку силен, колку во претходните месеци, а чувствително попушта темпото кај нарачките од странство.

Здружението на германските производители на машини и постројки објави дека во мај во таа индустриска бранша нарачките биле поголеми за 61 процент во однос на истиот месец минатата година. Притоа, нарачките од странство пораснале за 68, а домашните за 50 проценти. Се очекува здружението да ја коригира својата проценка дека производството во тековнава година ќе стагнира.

Франц-Кристоф Цајтлер, потпретседател на германската емисиона Бундесбанка, оцени дека ситуацијата на меѓународните финансиски пазари и натаму е затегната. „И покрај смирувањето во меѓувреме, состојбата и натаму е кревка“, рече тој претпладнево (01.07.2010) на состанок на банката во Франкфурт. Од друга страна, пак, тој, за опасноста за големо намалување на банкарските кредити, забележа дека дискусијата во врска со евентуален застој во кредитирањето станала „значително потивка“.

Порастот во кинеската индустрија попушта, што предизвика загриженост поради можно слабеење на конјунктурата на третото по големина стопанство во светот. Барометарот на расположението, кој е многу респектиран на финансиските пазари, во јуни опадна за 1,8 проценти поени. Овој индекс навистина и натаму сигнализира пораст во таа бранша, но е на најниско ниво за последните 4 месеци.

Автор: Хенрик Беме/ Ролф Венкел/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска