1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

15 јули 2010

Избор од стопански вести: Подзапрен е наглиот стопански пораст на Кина; Јапонската централна банка ја подигна прогнозата за стопанските текови годинава; Европскиот пазар на автомобили трет месец последовно бележи пад.

https://p.dw.com/p/OJc5
КинаФотографија: AP

Американската емисиона банка Федерал ризрв, според објавените записници од седниците, ја разгледувала можноста за преземање натамошни мерки за поттикнување на стопанскиот пораст, доколку изгледите забележливо се влошат. Истовремено, меѓутоа, Фед-банката бара и патишта за повлекување на дел од парите уфрлени во финансискиот систем во рамките на мерките за борба против финансиската и економска криза. Банката ја ревидира надолу и прогнозата за годинашниот стопански пораст во САД, очекувајќи стапка помеѓу 3 и три ипол проценти.

Подзапрен е наглиот стопански пораст на Кина. Во вториот квартал од годинава третото по големина стопанство во светот, според официјалната државна статистика, забележа пораст од 10,3 проценти во однос на истиот период лани. Во првиот квартал порастот изнесуваше 11,9 насто. Забавувањето на порастот се должи на намаленото влијание на мерките за поттик на конјунктурата, како и на засилените мерки на владата против кредитниот бум. Слабеењето на стопанскиот пораст на Кина влијае и врз светското стопанство, оти со тоа опаѓа и побарувачката на суровини и странски стоки во таа земја.

Јапонската централна банка ја подигна прогнозата за стопанските текови годинава. Во фискалната 2010/2011 година домашниот бруто-производ треба да се зголеми за 2,6 процента. Тоа е за 0,8 процентни поени повеќе отколку во претходните предвидувања. Подобрите изгледи за порастот му се припишуваат на високиот пораст во земјите во забрзан подем, кои ги „повлекуваат“ и економиите во развиените земји. Централната банка ја задржа изразито ниската камата од 0,1 процент за средствата што им ги позајмува на деловните банки.

Европскиот пазар на автомобили во јуни трет месец последовно бележи пад. Вкупно во Европа во тој месец имало 1,34 милиони новорегистрирани возила, што значи намалување од 6,9 насто. Но, погледнато севкупно во првите шест месеци од годинава се продадени за 0,2 процента повеќе возила отколку во истиот период лани. Продажбата најмногу опадна во Словачка - дури за 41, па потоа во Германија за 32 процента. Во Ирска, пак, е постигнат скок на продажбата од 76 проценти, во Шпанија од 26 и во Велика Британија од 11 насто.

Автор: Андреас Бекер/ Моника Ломилер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска