1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски пулсирања

24 август 2010

Рекорден стопански раст во Германија; покрај граѓаните и германските компании криеле пари на тајни сметки во Швајцарија; осигурителниот гигант АИГ одлучи да исплати 4 милијарди долари долг кон американската држава.

https://p.dw.com/p/Oue3
Фотографија: AP

Германија постигна рекорден стопански раст

Стопанскиот пораст во Германија во вториот квартал од годинава изнесуваше 2,2 проценти, соопшти Сојузниот завод за статистика. Тоа е и официјално, најголемиот економски раст од обединувањето на двете германски држави во октомври 1990 година. Најголем придонес за порастот има зголемувањето на извозот за цели 8,2 проценти. На второ место е градежната индустрија во која инвестициите се зголемиле за 5,2 проценти. За првпат по пауза од една година забележан е и пораст на домашната потрошувачка за скромни 0,6 отсто.

И германски фирми имале тајни сметки во Швајцарија

Властите во германската покраина Баден Виртемберг деновиве добиле анонимна информација за 250 домашни компании кои избегнуваат плаќање данок преку тајни сметки во банки во Швајцарија. Според наводите, станува збор за сума од околу 800 милиони евра, кои фирми од телекомуникацискиот и секторот за недвижности ги префрлиле во соседната земја. Властите тврдат дека немаат намера да го откупат „ЦД“-то со тајните податоци, но даночните служби детално ќе го испитаат случајот. Владите на Германија и Швајцарија во неколку наврати влегоа во судир поради откривањето на тајните податоци на германските граѓани во швајцарските банки.

AIG Gebäude in New York
Фотографија: AP

АИГ отплаќа 4 милијарди долари долг кон државата

Американската осигурителна компанија АИГ одлучи да отплати околу 4 милијарди долари од својот долг кон државата. Долгот на компанијата кон американските федерални резерви со тоа ќе се намали на околу 15 милијарди долари без камати. АИГ беше тешко погодена од светската финансиска криза, а севкупно државата и позајми околу 180 милијарди долари за да ја спаси од колапс. Последната рата беше финансирана со продажбата на сестринска компанија која работеше со лизинг во авиосообраќајот.

„Гејмском“ го урна рекордот за посетеност

Годинешниот Саем за компјутерски игри „Гејмском“, кој се одржа во германскиот град Келн, го урна рекордот на посетеност. Од средата до изминатата недела, саемот го посетија вкупно 254 илјади посетители. Годинава на „Гејмском“, 505 меѓународни изложувачи од 33 земји ги претставија најновите компјутерски игри. Минатата година на популарниот саем во Келн дојдоа 10 илјади гости помалку.

Автор: БГ/дв

Редактор: Александра Трајковска