1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски пулсирања

28 септември 2010

Министрите за финансии на земјите на ЕУ уште не можат да постигнат согласност за нов систем на санкции.

https://p.dw.com/p/POVh
Фотографија: picture-alliance/chromorange

По синоќешната средба во Брисел (27.09) од дипломатски кругови се вели дека владее консензус меѓу министрите за финансии на ЕУ оти оние кои ја пречекоруваат границата на буџетскиот дефицит мора да бидат казнети порано и на различни начини, а претседателот на Советот на ЕУ Херман ван Ромпој најави дека Унијата во иднина многу повеќе ќе внимава на севкупното задолжување на државите-членки отколку досега.

*********************************

Земјите на ЕУ размислуваат околу воведување принцип на ротација во директориумот на Меѓународниот монетарен фонд: едно до две од вкупно 24 места би им биле препуштени на земјите во забрзан подем, за тие да добијат поголемо влијание. САД бараат Европејците да се откажат од некое од деветте места што ги имаат сега. Доминацијата на Американците и на европските земји во Фондот е одраз на односот на силите по Втората светска војна. Германија, Франција и Велика Британија имаат постојано место во Директориумот на Фондот.

**********************************

Меѓународниот монетарен фонд најави задолжително тестови за финансискиот сектор на 25 земји, за да се спречи нова светска финансиска криза. Одбраните земји, меѓу кои е и Германија, опфаќаат 90 проценти од глобалниот финансиски систем и 80 проценти од стопанските остварувања.

*************************************

Азија се опоравува од кризата уште побрзо отколку што се очекуваше: според пресметките на Азиската банка за развој, се очекува стопански пораст на 44 земји од тој континент од 8,2 проценти. Во Кина, втората по големина економија во светот, порастот треба да изнесува 9,6 проценти. Потенцијална, но не многу изразена опасност за развојот е евентуалната нова рецесија на старите индустриски држави.

Автор: Инса Вреде/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска