1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економски пулсирања

20 октомври 2010

Германските стопанственици бараат државата во принцип да се воздржува од интервенции и ниту едно претпријатие да не добива посебна заштита од политички причини.

https://p.dw.com/p/PiX3
Фотографија: AP

По откажувањето на германската влада од воведувањето посебни мерки за заштита на градежниот концерн „Хохтиф“ заради спречување на неговото преземање од трета фирма од странство, здруженијата на германските стопанственици побараа државата во принцип да се воздржува од интервенции. Раководителот на Германската индустриска и трговска комора Мартин Ванслебен порача дека ниту едно претпријатие не смее да добие посебна заштита од политички причини. Тој меѓутоа исто така побара Европската комисија да води сметка за тоа во целата ЕУ да важат истите правила. Во рамките на европскиот заеднички пазар не би смеело да има правила, според кои во некои земји владите ќе спречуваат германски претпријатија при преземањето тамошни фирми, нагласи раководителот на Германската индустриска и трговска комора Мартин Ванслебен.

******************************************************************************

Штетата за германските супермаркети и други продавници поради кражби на производи и понатаму бележи надолен тренд. Според најновите податоци, во перидот меѓу јули 2009 и јуни годинава од регалите на продавниците ширум земјата се украдени продукти во вкупна вредност од пет милијарди евра. Тоа претставува намалување во однос на претходниот период од 4,3%. Според студијата, ширум Европа детективите успеале да фатат на дело околу 3,4 милиони крадци.

******************************************************************************

Поради зголемената продажба на мултимедијалните мобилни телефони „Ајфон“, како и новите таблет-компјутери од типот „Ајпед“, американскиот концерн „Епл“ забележа значително зголемување на добивката. Според информациите на концернот, профитот за четвртиот деловен квартал што заврши на 25 септември изнесува 4,31 милијарда долари. Финансискиот директор на „Епл“, Петер Опенхајмер, порача дека најголем придонес за ваквиот позитивен развој дале рекордните бројки во продажбата на „Ајфонот“, како и огромната популарност на „Ајпедот“.

Автор: Сабине Фабер/Клаус Улрих/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска