1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

270410 Expo Shanghai

30 април 2010

Експо 2010 во Шангај ги отвора вратите. Светската изложба годинава се одржува под мотото: „Подобар град, подобар живот“. Организаторите најавуваат поголема и поспектакуларна изложба од кога и да е порано.

https://p.dw.com/p/NAv6
Експо 2010Фотографија: AP

На павилјоните на изложбата се работеше до последен миг. Овој пат на Светската изложба се застапени дури 192 земји, чии изложбени павилјони треба да привлечат по околу 400.000 посетители на ден. Тие ќе можат да им се одушевуваат на националните визии за одржлив развој во зелената оаза на мегалополисот Шангај. На местото на сегашната Светска изложба, на брегот на реката Хуангпу, порано имаше само фабрики со големи оџаци, објаснува главниот организатор и планер на изложбата, Ву Жичијанг: „Земете ја водата што тече низ градината на Експо. Таа доаѓа од загадената река Хуангпу, но во постројките што се дел од изложбата, таа се прочистува до тој степен што во неа можат безгрижно да си играат децата на посетителите. Со неа ќе се заливаат и растенијата на изложбата, а на крајот таа ќе се испушта назад во реката Хуангпу. Значи по изложбата реката ќе биде дури и почиста. Тоа е за мене конкретен пример на мотото на изложбата: ’Подобар град - подобар живот’“.

Expo Shanghai 2010 Ende April
Експо 2010Фотографија: picture-alliance/Newscom

Како да се преживее?

Главната тема со одржливиот развој ќе биде централна и во националните павилјони. Така јапонскиот и британскиот ќе произведуваат сопствена електрична енергија и нема да трошат од мрежата на Шангај. Шпанците, пак, создадоа посебна фасада од еколошка слама, а Швајцарците прикажуваат неоткриени потенцијали за штедење на електрична енергија.

Flash-Galerie Expo Shanghai 2010 Ende April
Експо 2010Фотографија: dpa

Во германскиот павилјон посетителите ќе бидат соочени со шареноликоста на германските градови, како и со општата слика на Германија како модерно и отворено општество. Овде се бара баланс меѓу старото и новото, меѓу урбаниот аспект и природата. „Германија да се запознае како партнер кој е транспарентен, отворен кон светот, комуникативен и активен, партнер кој и самиот желно влегува во контакт со другите земји“, ја појаснува основната идеја раководителот на проектот, Флоријан Ецдикмен.

Различни визии

Flash-Galerie Expo Shanghai 2010 Ende April
Експо 2010Фотографија: dpa

Сите овие модерни визии ќе можат да се видат на бреговите на реката Хуангпу во наредните шест месеци, но не и потоа. Организаторите од почетокот на ноември ќе ги демонтираат сите павилјони и ќе го користат земјиштето за други намени, така што градот нема да остане со големи долгови по изложбата, како што беше случајот со повеќето претходни организатори на светските изложби: „Експо нема намера да оствари профит, но затоа расходите ги има одлично под контрола.Затоа можам со мирна совест да кажам дека нема да имаме дефицит. Освен тоа дел од трошоците ќе вратиме подоцна. Состојбата на пазарот за недвижнини во Шангај е таква што мораме да се бориме дури против превисоките цени - затоа не гледам никакви проблеми,“ тврди Хуанг Ѓијанжи, заменик-директор на Експо Шангај 2010. Според него земјиштето покрај реката Хуангпу би требало многу лесно да се продаде како градежно земјиште.

Автор: Рут Кирхнер/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска