1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

120210 Kalifornien Eisenbahn

6 март 2010

Возовите со голема брзина се секојдневие во Европа и во Азија. Но, во водечката земја на Западот тие допрва ќе се воведуваат. Меѓу конкурентите за нивно производство со најголеми шанси се вбројува германски „Сименс“.

https://p.dw.com/p/LzyO
Ќе сообраќа ли и по американските пруги? Германскиот „интерсити експрес“Фотографија: AP

Менаџерот на „Сименс“ во калифорниски Сакраменто, Оливер Хаук се движи низ погонот со штитници за уши и дебели заштитни очила: „Досега во овој погон произведувавме градски возови, тоа е еден вид поголеми трамваи. На тоа поле сме водечка фирма во САД, веќе испорачавме преку 1.000 примероци.“

Оливер Хаук е многу горд на големите модерни трамваи што сообраќаат по се’ поголем број американски градови. Но, тој има уште поголеми амбиции - сака да го донесе германскиот „Интерсити експрес“ во Америка. Државните субвенции од осум милијарди долари, што ги најави претседателот Обама, му даваат нови надежи дека тоа ќе биде можно. Дотолку повеќе што дури една четвртина од државните средства е наменета за Калифорнија, токму таму каде што се наоѓа неговиот погон. Хаук се надева дека местоположбата на фабриката ќе биде од голема предност пред конкурентите од Европа и Јапонија - францускиот „ТеЖеВе“ и јапонскиот „Шинкансен“.

Arnold Schwarzenegger
На чело на заштитата на климата и на новиот проект со возовите: гувернерот на Калифорнија, Арнолд ШварценегерФотографија: AP

„Треба да се поседува соодветна технологија, но исто така треба да се води сметка и за потребите на земјата за која се произведува. Дотолку повеќе што овде нема да се даваат налози за изработка на возови, доколку тие не значат и добивка за овдешната економија и доколку не создаваат нови работни места во Америка.“

Калифорнија на прво место

На нови работни места во Калифорнија се надева и тамошната пратеничка Кетлин Галгиани, која заедно до гувернерот Арнолд Шварценегер најмногу се залага за планирањето на експресните возови. Калифорнија ионака е најнапредна на тој план во споредба со останатите сојузни држави. Таму надлежните власти веќе до детали ја испланираа железничката мрежа долга вкупно 800 милји и пресметаа дека за нејзина изградба ќе бидат потребни 45 милијарди долари. „Калифорнија е подготвена да гради веднаш. Имаме потврда од гласачите, исто така и од федералните власти. Имаме и меморандуми за согласност од шест држави, кои веќе имаат искуство во градењето експресни железнички линии. Тие соработуваат со нас и не’ снабдуваат со неопходната технологија и информации“, појаснува пратеничката Галгиани.

Историски искуства

Ова не бил било првпат токму во Сакраменто да се пишува историјата на американските железници. Овде, имено, почнуваше првата железничка линија во историјата на земјата што ги поврзуваше западниот и источниот брег на Соединетите Држави. Директорот на Музејот на железницата во Сакраменто, Пол Хемонд раскажува: „По откривањето на златото во Калифорнија дојде до нагло зголемување на населението и се создаде сосема нова држава, но таа немаше никакви сообраќајни врски со остатокот на сојузните држави. Луѓето мораа да патуваат или со брод, значи околу цела Јужна Америка, или пак со запрежни коли. Кога се појави, железницата беше клучната врска на Калифорнија со остатокот на државата.“

BdT Deutschland Russland ICE mit der Fähre nach Russland
Продуктот на Сименс веќе ги освои руските железници: пратка за Русија на траектот „Вилнус“Фотографија: picture alliance / dpa

Но, кон средината на 20 век железницата ја заменија автомобилот и авионот. Сега таа добива нова шанса во времето на заштитата на климата и проблемите со сообраќајот.

Добри перспективи

На штотуку најавените осум милијарди долари државни субвенции наскоро треба да дојдат натамошни финансиски средства за изградба на експресни железнички линии. Затоа раководителот на фабриката на Сименс, Оливер Хаук има сосема конкретни планови: „Покрај Калифорнија многу ветуваат и брзиот коридор на Средниот Запад, каде ќе сообраќаат возови меѓу Чикаго и Детроит или Чикаго и Сент Луис. А потоа тука е и коридорот на Флорида од Орландо до Тампа.“

Оливер Хаук е уверен дека „Сименс“ со тек на време би можел да се претвори дури во водечка фирма на американскиот пазар на полето на експресните возови.

Автор: Миријам Браун/Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска