1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Екс-терористката на РАФ демантира вмешаност во убиството на Бубак

Елизабета М. Фиданоска/ртр/афп/дпа14 мај 2012

35 години по убиството на германскиот обвиниел Зигфрид Бубак, поранешната членка на Фракцијата на Црвената армија (РАФ) Верена Бекер го прекина молчењето. Таа вели дека не е вмешана во убиството.

https://p.dw.com/p/14v6Y
Фотографија: dapd

Во изјавата дадена денеска (14.05) во судот во Штутгарт, Верена Бекер, која е обвинета за учество во убиството на тогашниот сојузен обвинител Зигфрид Бубак, што се случи во 1977 година, на синот на убиениот Михаел Бубак му се обрати со зборовите: „Не знам кој го убил вашиот татко, на тоа не можам да одговорам. Јас не бев таму“.

Против Бекер е отворен нов судски процес од пред еднаипол година, откако 59-годишната екс-членка на РАФ со помилување беше ослободена од издржување на доживотната казна затвор поради убиство на полицајци во 1977 година. Од 1989 година, кога се најде на слобода, до денес, Бекер молчи во процесот за убиството на Бубак.

Deutschland Justiz Stuttgart Verena Becker bestreitet Beteiligung an Buback-Attentat
верена Бекер денеска во судот во ШтутгартФотографија: dapd

Во 20-минутната изјава Бекер со смирен, но тивок глас, денеска рече дека во летото 1976 година ја напуштила Германија и се‘ до ден по атентатот на Бубак се наоѓала во Јемен. Дури потоа, преку Рим, се вратила во Германија. „Во Рим од весниците дознав за убиството на Бубак“, рече таа. Бекер вели дека не била во Карлсруе, каде на 7 април 1977 година, од еден моторцикл беше пукано врз Бубак и двајца негови придружници во службениот Мерцедес. Таа делумно присуствувала на средбите на Фракцијата на Црвената армија на крајот од 1976 и почетокот од 1977 година, на кои било разговарано и за можен напад врз Бубак. Во основа, исто како и останатите членови на РАФ, Верена Бекер ги сметала „за исправни“ нападите и акциите на уценување за да бидат ослободени затворени терористи на РАФ. Сепак, таа тврди дека не учествувала во конкретни планови и дека не била информирана за точното време на нападот. „Во спротивно, ќе одберев друг термин за патување, за да не дојдам во опасност во рацијата“, вели Бекер.

Во врска со оружјето со кое е извршено убиството, а пронајдено кај неа во мај 1977 година, таа тврди дека никогаш не го употребила.

Deutschland Terror Prozess gegen die ehemalige RAF Terroristin Verena Becker Anschlag Siegfried Buback
Убиството на Зигфрид Бубак се случи во четврток пред Велигден, во 1977 годинаФотографија: dapd

По давањето на изјавата, Бекер веќе не сакаше да одговара на прашања на судот, на обвинителите и тужителите. Во врска со убиството на Бубак осудени се членовите на РАФ Кристијан Клар, Кнут Фолкертс и Бригите Монхаупт. Сепак, до денес не е јасно кој го возел моторциклот и кој пукал со полуавтоматското оружје со кое е убиен Бубак.

Верена Бекер од 2010 година повторно е на суд поради тоа што обвинителството, по појавувањето на нови детали во врска со убиството на Бубак, е убедено дека таа учествувала во него. Обвинителот Валтер Хембергер по изјавата на Бекер денеска рече дека таа „минала половина пат“ и дека „свесно го оставила отворено“ прашањето на учество. Тој е убеден дека Бекер знае кој пукал во Бубак, но дека тоа го премолчува.