1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

“Екс-Југословените“ меѓу најдискриминираните во Европа

Тони Гламчевски29 ноември 2005

Во првиот глобален биланс на ситуацијата во земјите членки на ЕУ во областа на расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот и антимуслиманството, се вели дека меѓу најдискриминираните групи во Европа се Ромите, но и лицата со потекло од поранешна Југославија. Извештајот во целост ја игнорира ситуацијата на македонското малцинство во Грција.

https://p.dw.com/p/AcAw
Европа мора да направи уште многу во борбата против расизмот
Европа мора да направи уште многу во борбата против расизмотФотографија: European Community

Според официјалните и неофицијалните извештаи, најчести жртви на насилството и расистичките акти во земјите членки на Европската Унија се припадниците на етничките малцинства во рамките на домашното население, имигрантите со регулиран статус, бегалците и азилантите, Евреите, муслиманите, лицата со потекло од Северна Африка, поранешниот Советски Сојуз, Циганите, Синтите, Ромите и лицата кои потекнуваат од земјите од поранешна Југославија, стои во извештајот за 2005 година на Европската опсерваторија на расиситичките и ксенофобските феномени во земјите членки на Европската Унија.

Лицата од поранешна Југославија, заедно со останатите групи, пред се Ромите, се изложени на дискриминација како при вработувањето, така и при решавањето на нивното станбено прашање. Не само што тие се вработени на поскромни работни места, туку и голем број фирми во ЕУ - како приватни, така и од јавниот сектор, воопшто не им праќаат апликации за вработување на имигрантите од овие групи.

Припадниците и децата на имигрантите од овие групи имаат многу помали шанси да добијат високо образование во земјите од Унијата и се дискриминирани при вработувањето - тука се наведува примерот со Германија, Австрија и Луксембург.

Опсерваторијата, признава дека постојат сериозни проблеми при собирањето на податоци, што може да доведе до игнорирање и на најтешките форми на дискриминација.

На пример, Грција е една од земјите, членки на Унијата, која воопшто нема доставено податоци за начинот на кој го третира не-грчкото население. Со други зборови, во извештајот воопшто не се ни споменува постоењето и ситуацијата на македонското малцинство во Грција. Она што е документирано во извештајот на опсерваторијата, е изјавата на грчкиот Омбудсман дека има случаи на непримерена употреба на сила од страна на грчката полиција врз припадници на не-грчки етнички групи. Меѓутоа, жртвите речиси никогаш не го пријавуваат насилството што го извршила полицијата поради страв од реперкусии.

Или како што вели во соопштението за јавноста, Анастасиа Криклеј, претседателката на Административниот совет на опсерваторијата: „Извештајот, јасно покажува дека ние треба да направиме уште многу во борбата против расизмот и ксенофобијата“.