1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

240210 EU Statistikfälschungen

25 февруари 2010

Грците ги фризираа своите статистики, иако сите насетуваа и многумина знаеја. Причина: партнерите од ЕУ не сакаа да признаат дека приемот на Грција во еврозоната беше грешка од самиот почеток.

https://p.dw.com/p/MAvP
Затворање очи пред вистината за грчките фалсификатиФотографија: Picture-Alliance /dpa

Сите го насетуваа, многумина и го знаеја, а сепак речиси никој ништо не презеде, па Грците можеа непречено да ги фризираат своите статистики, да ја манипулираат состојбата со нивните долгови и да ги разубавуваат своите економски биланси. Сето од една причина: партнерите од ЕУ не сакаа да признаат дека приемот на Грција во еврозоната беше грешка од самиот почеток.

Претседавачот со групата од 16 земји, во кои еврото е платежно средство, премиерот на Луксембург Жан-Клод Јункер се брани:

„Причина за тоа, што не го видовме сето што моравме да го согледаме во Грција, не е оти Брисел и министрите за финансии од земјите на ЕУ не фрлија доволно внимателен поглед, туку дека грчката влада ни поднесуваше погрешни бројки“.


Намерно затворање очи?

Сепак, беше познато дека Грција во повеќе наврати на Брисел му упатуваше манипулирани состојби со долговите. Во април минатата година грчкото раководство извести за ново задолжување од околу 4 проценти на домашниот бруто-производ, а фактичкиот товар на долговите изнесуваше речиси 13 проценти. Во извештајот на Европската комисија за фалсификувањето на статистиката од страна на Грците стои дека експерти од европските статистички власти во изминатите години пет пати искажале сомневање во извештаите од Атина, без од тоа да произлезат било какви консеквенции за грчката влада.

„Европската комисија се однесува како трите мајмунчиња: не видов, не слушнав, не реков. Проблем е што сепак се знаеше за тоа, имаше појдовни елементи. Но, тогаш мораше и активно да се дејствува“, критикува Инге Гресле, европарламентарка од ЦДУ, експерт за буџетска проблематика.

Европските статистичари беа десет пати од 2004 година на лице место, разговараа со грчките власти за проблемите, но ништо не се промени, оти недостасуваше политичка поддршка.

Symbolbild Finanzkrise Wirtschaftskrise Griechenland
Фотографија: DW/AP

Чист акционизам и празно ветување

Грчката игра со оган сега се заканува да прерасне во шумски пожар. Поради тоа ЕУ сега има намера сериозно да ги контролира бројките и билансите. Жан-Клод Јункер го поздравува овој чекор:

„Евростат мора да може во сите земји да провери бројка по бројка, власти по власти, дали поднесените податоци се коректни“.

Инге Гресле смета дека е тоа чист акционизам и празно ветување. А Грците не смогнаа сили да ги повикаат на одговорност виновните за манипулациите, оти поранешните фалсификувачи, сега во опозиција, се потребни за да се протуркаат во парламентот драстичните и спорни реформи.

Автор: Петер Хајлбрунер/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска