1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Добра вест за клеветата, лоша вест за А2

ЖА/миа14 јуни 2012

Европската комисија смета дека договорот влада - ЗНМ е одличен, но е загрижена за одземањето на дозволата на телевизија А2. Македонскиот премиер Груевски порача: да не се руши имиџот на државата со погрешно толкување.

https://p.dw.com/p/15EXO
Фотографија: picture alliance / Arco Images GmbH

Европската комисија денеска (14.06.2012) уште еднаш потврди дека смета оти договорот за декриминализација на клеветата и навредата меѓу владата на Македонија и Здружението на новинарите (ЗНМ) е одличен, но покажа загриженост за одземањето на дозволата за емитување на А2 телевизија.

Канцеларијата на комесарот за проширување Штефан Филе во врска со негодувањето во Македонија од договорот меѓу владата и ЗНМ, поради предвидената висина на казните, како и нападите од некои македонски новинари и медиуми на Филе за неговиот став дека договорот е одличен, преку портпаролот Петер Стано изјави дека договорот е добра вест.

„Договорот за декриминализацијата на клеветата и навредата останува добра вест за нас, а нападите врз Филе не би сакал да ги коментирам поради тоа што се поради негов став изразен на социјалните мрежи на интернет, што не е официјално“, посочи Стано.

Сепак, гласноговорникот на Филе истакна дека Комисијата е загрижена за одземањето на дозволата за емитување на телевизијата А2 од страна на Советот за радиодифузија, посочувајќи дека одличната вест за договорот, во ист ден, за жал, била поклопена со лоша вест за забраната за емитување програма на телевизијата А2.

„Ние ќе следиме што понатаму ќе се случува со оваа телевизија, посебно што слободата на изразувањето и на медиумите е една од точките во високиот пристапен дијалог“, додаде Стано.

На прашањето на МИА зошто Европската комисија, ако еден од нејзините столбови е владеењето на правото и законите, е загрижена поради владеењето на правото и законите во Македонија, што е факт во случајот со А2, портпаролот на Филе одговори дека токму поради тоа Комисијата одблиску ќе го следи развојот на ситуацијата со оваа телевизија.

„Во секој случај, не е добро кога на еден медиум не му се дозволува да функционира“, заклучи Петер Стано.

Став на Груевски

Македонскиот премиер Никола Груевски, пак, ја поздрави декриминализацијата на клеветата и се заблагодари на „конструктивниот и одговорен пристап кој го вложија сите засегнати страни кои беа вклучени во овој процес, особено енергичната заложба на Здружението на новинари на Македонија и нивната волја за постигнување напредок во процесите, како и на претставниците на Европската комисија, кои со својот пристап и сугестии и поддршка на процесот, имаа голема улога и голем придонес во создавањето на рамка и ефект за подобрување на процесите чиј резултат е токму постигнатиот договор, нешто што и во најразвиените европски држави не е се‘уште пракса“.

Mazedonien Ministerpräsident Nikola Gruevski
Никола ГруевскиФотографија: AP

„Иако владата и јас како нејзин претседател немаме ингеренции и законска надлежност за решавање на овие работи, би сакал да се произнесам и за уште едно прашање кое е во доменот на медиумите, а е поврзано со одлуката за одземање на дозволата за работа на телевизијата А2, која ја донесе Советот за радиодифузија, кое е независно регулаторно тело избрано од Собранието на Република Македонија. Разбирајќи ги чувствата на лицата кои досега функционирале во телевизијата, и свесен за обврската на членовите на Советот за радиодифузија за дословно почитување на законските норми, би истакнал дека законските одредби треба да се почитуваат од секого, без исклучок. Апелирам до засегнатите страни да не се обидуваат со политизација и свесно погрешно толкување да се руши имиџот на државата. Исто така, апелирам до засегнатите страни доколку постои реакција и несогласување со оваа одлука на Советот да ги искористат сите правни мерки и механизми и да ги презентираат сопствените ставови пред надлежните институции низ соодветната законска процедура и предвидените прописи“.