1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК и‘ дава на Босна уште една шанса?

ЕМФ/дв/бета18 април 2013

Европската комисија подготвува уште една рунда дијалог со лидерите на политичките партии во БиХ, што веројатно е последна шанса за земјата да избегне повеќегодишна изолација, пишува „Независне новине“ од Бања Лука.

https://p.dw.com/p/18IWz
Фотографија: DW

Според весникот „Независне новине“, кој се повикува на неименувани дипломатски извори, раководството на ЕУ, иако разочарано од неуспехот на консултациите на политичките лидери на Босна и Херцеговина со еврокомесарот за проширување Штефан Филе околу спроведување на пресудата во случајот „Сејдиќ-Финци“, подготвено е повторно да седне на маса со лидерите на седумте најголеми партии во БиХ.

„Пред следната рунда политички дијалог, се очекува да дојде до договор или макар целосно приближување на ставовите на лидерите“, изјавил дипломатски извор за весникот, според кого на Брисел му е важно Босна и Херцеговина ова прашање да го реши пред влезот на Хрватска во ЕУ.

Еврокомесарот за проширување Штефан Филе пред една недела и‘ се закани на Босна дека ќе го замрзне процесот на приближување на земјата кон ЕУ. Тој со „жалење“ констатира дека земјата не напредува во делот на намалување на дискриминацијата на малцинствата, како Евреи и Роми, изјави Филе на 11.04.2013 пред новинарите во Сараево. Без заклучок по ова прашање „европскиот пат на Босна и Херцеговина ќе биде замрзнат“, нагласи Филе. Притоа, еврокомесарот мислеше на одлуката на Европскиот суд за човекови права од 2009 година во случајот Сејдиќ-Финци. Дерво Сејдиќ и Јакоб Финци ја тужеа државата дека како на припадници на национални малцинства им е оневозможено да бидат избирани. Судот ја обвини Босна дека ги дискриминира малцинствата. Имено, според мировниот договор од Дејтон од 1995 година, само Србите, Хрватите и Бошњаците можат да се кандидираат за мандати во Домот на народи на Босна и Херцеговина и Претседателството на државата. Кој припаѓа на малцинство, како Евреи или Роми, или не сака да се изјасни етнички, не може ниту да се кандидира. Европскиот суд за човекови права пресуди дека не постои разумно и објективно оправдување за одржување во сила на постоечките одредби со коишто се врши дискриминација и со големо мнозинство гласови заклучи дека е прекршен членот 14, заедно со членот 3 од Протоколот 1 којшто гарантира право на слободни избори.