1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Македонија е пред критична година за реформи

12 октомври 2011

Македонија продолжува задоволително да ги исполнува политичките критериуми и е подготвена да започне пристапни преговори, стои во најновиот извештај усвоен денеска (12.10) од Европската комисија.

https://p.dw.com/p/12qbe
Македонија доби трета препорака од ЕК за отворање преговори за членство - за датумот одлучува Европскиот советФотографија: Petr Stojanovski

Земјата продолжила со реформите кои се однесуваат на пристапувањето во ЕУ, но остануваат суштински предизвици, забележува Европската комисија за Македонија.

За парламентарните избори од јуни се оценува дека биле во согласност со меѓународните стандарди, а владата била брзо составена. Одреден напредок се забележува во судството и јавната администрација, забележително во однос на правната рамка. Потребни се натамошни напори за да се осигура ефективната имплементација на законите, а посебно на оние кои се однесуваат на реформите во судството и јавната администрација, борбата со корупцијата и слободата на изразување во медиумите.

Дијалогот меѓу власта и опозицијата мора да се зајакне во насока на осигурување на непреченото функционирање на институциите и да му се овозможи на Парламентот да ја одигра својата целосна улога.

Попречено функционирањето на пазарната економија

Во однос на економските критериуми, Европската комисија забележува дека економијата во земјата почнала да заздравува во втората половина од 2010 година, како резултат на зголемената надворешна побарувачка и инвестициите во градежништвото. Напредок е забележан во функционирањето на пазарот, посебно во делот на помош за регистрирање компании и поедноставување на правната регулатива. Фискалната политика ја одржала својата стабилност, забележува Европската комисија во својот извештај. Притоа се укажува дека земјата треба да се справи со конкурентскиот притисок од Унијата и затоа се укажува дека е неопходно имплементирање на реформската програма за намалување на значајните структурни слабости.

Mazedonien EU Fahnen
ЕУ оценува дека во Македонија е попречено функционирањето на пазарната економијаФотографија: AP

Слабото владеење на правото продолжува да го попречува соодветното функционирање на пазарната економија. Ефикасноста на јавната администрација се’ уште е слаба, а во некои регулаторни и надзорни агенции продолжува недостатокот од неопходна независност и алокација на ресурси за да можат ефективно да ги исполнат своите функции.

Квалитетот на фискалната политика се оценува дека останал слаб, делумно поради силната краткорочна ориентираност на јавно трошење. Многу ограничен останал напредокот во намалувањето на невработеноста. Недостатоците во владеењето на правото продолжуваат да имаат негативно влијание на бизнис климата.

Понатамошен напредок се бележи во прилагодувањето на законодавството, политиките и административните капацитети со оние на ЕУ, а посебно во однос на законодавството за фирмите, финансиските сервиси и енергијата. Добар напредок е направен во безбедноста на храната и економското и монетарното обединување.

Во тек се напори за одговарање соодветно на новото зголемување на барањата за азил во земјите членки на ЕУ.

Мал напредок е забележан во областите како што се даноците, јавните набавки, како и во социјалната политика и вработеноста. Одржлив напредок е потребен во зајакнувањето на административните капацитети за имплементирање и извршување на законодавството.

NO FLASH Stefan Füle EU Europäische Kommission
Да се отворат преговори со Македонија за да не се загуби уште една година, бара еврокомесарот Штефан ФилеФотографија: AP

Следната година критична за Македонија

Еврокомесарот за проширување, Штефан Филе оваа година извештајот за напредокот на земјите од Западен Балкан најпрво го претстави пред европратениците во Комитетот за надворешни работи. Таму тој забележа дека движечка сила за реформите во Македонија е перспективата за членство во ЕУ.

„Поради проблемот со името, мотивацијата за реформи се намали“, забележа еврокомесарот Филе.

„Затоа мора да има напредок со името. Отворањето на преговорите ќе и’ помогнат и на земјата и на ЕУ во целина. Така, уште една година не би била загубена“, нагласи Филе.

Пред европратениците забележа дека има мал напредок во земјата и оти остануваат суштински предизвици во однос на реформите, кои мора да се завршат. Тој ги посочи реформите во судството, јавната администрација и борбата со корупцијата.

„Слободата на изразување останува суштинска загриженост“, додаде Филе.

Следната година ќе биде суштинска за официјално Скопје да демонстрира обновен импулс во реформите, кои треба да ја подготват земјата за прием во ЕУ, забележува известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Ричард Хауит. Тој, по презентацијата на извештајот од еврокомесарот Филе, рече дека исто како што се даваат критики, треба да се даде и соодветно признание на постигнувањата.

Richard Howitt
Македонија е пред критична година за покажување резултати во реформите, забележува европарламентарецот Ричард ХауитФотографија: picture alliance/dpa

„Како што дебатираме за извештајот за напредокот, се надевам дека ние од Парламентот ќе му се приклучиме на комесарот Филе во давањето критики на конструктивен начин, но во исто време да дадеме само признание на постигнатиот напредок, што е еднаков дел од суштинското поттинување неопходно за да се случат понатамошни реформи“, забележа известувачот Ричард Хауит.

Хауит посочи дека слободата на медиумите останува критично прашање, а настаните околу пописот не смеат да влијаат на посветеноста на мултиетничкиот Охридски рамковен договор. Тој апелираше и земјата да не биде заборавена додека се прават чекори кон интеграција во ЕУ низ целиот Западен Балкан.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска