1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕК: Не баравме затворање на грчката радио-телевизија

ЖА/дпа/ртре12 јуни 2013

По затворањето на грчката државна радио-телевизија, ЕК ги отфрли обвинувањата дека тоа е резултат на диктатот за штедење од Брисел, присутни во грчките медиуми. ЕК го истакнува значењето на јавниот радиодифузен сервис.

https://p.dw.com/p/18oHj
Фотографија: Getty Images/AFP

Европската комисија денеска (12.06) излезе со изјава за вчерашното затворање на Јавниот радиодифузен сервис ЕРТ во Грција од страна на грчката влада, во рамките на преземањето на мерки за штедење. Портпаролот на Комисијата, Оливие Бејли, ги отфрли обвинувањата дека одлуката на Атина е резултат на диктатот за штедење од страна на Брисел.

„ЕК не побара затворање на ЕРТ, но не го доведува во прашање правото на грчката влада за регулирање на јавниот сектор“, изјави портпаролот.

Одлуката на грчките власти треба да се гледа во контекст на големите и потребни напори кои властите ги преземаат за модернизација на грчката економија, пред се‘ за подобрување ефикасноста на јавниот сектор, додаде тој:

„Комисијата ја разбира тешката ситуација со персоналот и експертите од ЕРТ и очекува најавите за отпуштање да се спроведат во целосна согласност со важечката правна рамка“, истакна Бејли.

ЕК истакнува дека ја поддржува улогата на јавниот радиодифузен сектор како составен дел на европската демократија.

„Договорите на ЕУ се јасни - управувањето со  јавниот радиодифузен сектор е работа на земјите-членки. Комисијата не може да пропишува како земјите-членки да го организираат својот радиодифузен сервис, но ние би сакале да ја истакнеме улогата на јавниот сервис во однос на европските вредности, во сите економски околности, за доброто на медиумскиот плурализам, слободата на медиумите и медиумскиот квалитет за изразување на културната различност“, додаде портпаролот Бејли.

Според портпаролот на Комисијата, ЕК никогаш не е задоволна и среќна кога медиумска куќа се затвора во Европа, додавајќи дека од почетокот на економската криза голем број на приватни електронски и пишани медиуми се затворени, но во случајот со Грција, според Бејли, “земјата продолжува со посветеноста на прогресот“.

Според одлуката на владата на премиерот Андонис Самарас, ноќеска престана емитувањето на програмата на државната радио-телевизија. Владата најави нов старт на јавниот радиодифузен сервис со поповолен персонален и намален бројчен состав кон крајот на август. Во знак на протест против одлуката на владата, грчките новинари денеска штрајкуваат.