1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Електроавтомобили - скапа грешка?

Улрих Клаус / Елизабета Милошевска Фиданоска18 јуни 2012

Електроавтомобилите се иднината, ерата на бензинците и дизел моторите се ближи кон крајот! Дали е навистина така? Кој веруваше во ваквата изјава, по се‘ изгледа се излажа!

https://p.dw.com/p/152NZ

Еуфоријата од пред три, три ипол години, се чини спласна. Тогашната владејачка коалиција во Берлин си постави голема цел - Германија требаше да стане водечка земја кога станува збор за електромобилноста. „Тоа беше огромна еуфорија, која делумно се создаде и поради медиумското истражување“, вели денес автомобилскиот стручњак Штефан Брацел за ДВ.

Три ипол години подоцна, од еуфоријата нема ниту трага, ниту глас. Токму спротивното - автомобилската индустрија вложува се‘ повеќе пари во развој на мотори со внатрешно согорување. Најдобра илустрација за промената на политиката е фотографијата на шефот на управата на Форд, Алан Мулали, кој на претставувањето на новиот мотор со три цилиндри го бакна производот на својата компанија (фотографија). Тој агрегат, со еднаква сила како и претходните поголеми (посилни) модели, би требало да троши многу помалку гориво.

Ford-Chef Alan Mulally küsst im Kölner Werk den neuen Dreizylindermotor
Алан Мулали, шеф на управата на Форд бакнува мотор со три цилиндри, производ на својата компанијаФотографија: Ford

Рачна кочница

На неодамнешниот автомобилски саем во Пекинг (на крајот на април) производителите како наеднаш да повлекоа рачна кочница за развојот на електро-моделите. Кинеската влада, која со сите сили се труди да го поддржи развојот на е-автомобилот, одеднаш говори за „скромни цели“ во електро-мобилноста. Гиганти како Дајмлер, БМВ или Фолксваген додуша не ги имаат избришано електричните модели од својата понуда, но новост е што говорат отворено дека и во идните (барем) дваесет години сите карти ќе ги стават на проверените „бензинци“ и „дизелаши“.

„Ние во Фолксваген сме на мислење дека класичните мотори со внатрешно согорување, се разбира соодветно доразвиени, имаат одржлива иднина“, вели на пример шефот на развој во Фолксваген, Улрих Хакенберг.

Мобилност со бензиски и со дизел мотори која не делува штетно на околината е и тоа како можна ако тоа се прави во комбинација со неутрални горива (кои емитуваат јаглен диоксид во атмосферата), значи со специјални био-горива.

На потег се инженерите

Стручњаците и научниците тврдат дека постои уште цела низа технички можности со помош на кои може да се намали потрошувачката на гориво кај конвенционалните агрегати. Сега на потег се инженерите. На пазарот можеби би се вратиле и некои иновации кои се видени и порано - исклучување на цилиндри, старт-стоп-автоматика, термо-менаџмент...

CO2-Ausstoß Vergleich Autohersteller
Испуштање на ЦО2 (грамови по километар) според производители

Намалувањето на потрошувачката значи автоматски го намалува и испуштањето ЦО2. Европската комисија пропиша дека новите модели на возила до 2015 година мора да ја намалат емисијата на јаглерод диоксид за 11 проценти на (во просек) 130 грама по километар, во 2020 година на 95 грама, а во 2025 година на само 70 грама. Само заради споредба: во 2009 година, кога одредбата беше поддржана, емисијата кај новите модели изнесуваше во просек 146 грама по километар.

„Границата под 70 грама технички е можна, но веројатно не се можни пониски вредности. Тоа е најверојатно границата кај класичните возила. Затоа на среден рок, за одредени потреби секако не треба да се исклучи користењето на електро-моделите“, смета Хорст Шнајдер, член на Управата на ТИФ во Германија (фирма која извршува техмнички прегледи на возилата н.з.)

Струја со недостатоци

Зошто големите потрошувачи повлекуваат рачна кочница? Електро-автомобилите во моментов едноставно имаат премногу недостатоци. Батериите во коишто е акумулирана енергијата се екстремно скапи, а со нив и не може да се поминат којзнае колку километри. За „полнење“ на батериите е потребно долго време и трпение.

Големите производители на електрична енергија се повикуваат на студии, според кои просечниот возач дневно минува само по 40 километри. Лобистите на енергетските гиганти тврдат дека таа оддаелечност лесно се минува и со постоечките модели на батерии. И велат дека батериите можат да се полнат ноќе, додека возачите спијат.

Elektromobilität: Modell eines Elektroautos
Фотографија: Fraunhofer-Institut für System- und Innovationsforschung

Тоа е аргумент против кој жестоко протестира Волфган Лобек, сообраќаен стручњак на Гринпис. „Ново возило ми треба токму поради тоа што јас често не се однесувам како просечен возач. Јас навистина во еден часот по полноќ сакам да ’скокнам’ до железничка станица или аеродром да ја земам баба ми, а тоа не можам со е-автомобил.“ Лобек поставува и реторичко прашање: „Зошто треба да купувам автомобил кој чини и три пати повеќе од класичните возила, а кој може да мине само третина од она што го минуваат класичните автомобили и притоа од тој автомобил нема никаква полза за климата?“

Стручњакот на Гринпис притоа ја тематизира болната точка на електро-мобилноста: целиот концепт и климатскиот биланс на е-автомобилот е сосема зависна од производството на електрична енергија. Се‘ додека за време на производството на струја се емитува дури и поголемо количество ЦО2 од фосилните горива (јаглен, нафта), електро-агрегатите во еколошкиот аспект на сообраќајот не можат да држат чекор со класичните мотори со внатрешно согорување.

Германските возачи, во секој случај, веќе донесоа лична пресуда во случајот „е-автомобил“. Од околу 43 милиони регистрирани возила во Германија, само околу 4.500 се електрични модели. Стручните медиуми предвидуваат дека до 2020 година електро-моделите во цел свет ќе достигнат удел на пазарот од максимум 3 проценти.