1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Електротакси во Хамбург

Даниел Шпре/Б. Георгиевски14 декември 2013

Андреас Харниш нечујно вози низ улиците на Хамбург. Тој вози едно од првите, целосно електрични такси возила во Германија. Иако батериите засега издржуваат само куси релации, градот сака натаму да го развива моделот.

https://p.dw.com/p/1ARYY
Фотографија: Brian Jackson/Fotolia.com

Андреас Харниш вози едно од првите електро-такси возила во Хамбург. Нисан со целосен погон на батерии. Не само што нечујно се движи низ улиците на градот, туку честопати е и тема за разговор.

„Некои луѓе прашуваат дали е воопшто вклучен моторот? Но тој е многу тивок. Вообичаено такви се првите впечатоци. Потоа доаѓа прашањето: дали е хибрид? Јас одговарам: не е хибрид, ова е електрично возило“, вели Андреас Харниш.

Возилото мора 2-3 пати во денот на штекер. Во тој период таксистот не може да презема никакви повици. Но затоа неговите трошоци се околу 4 евроценти по километар. По половина час батеријата е полна. Во Хамбург има само четири станици за полнење. Градот сака да го зголеми нивниот број и планира да инвестира 400 илјади евра во еколошките такси.

„Таксито е превозно средство со кое може добро да се тестира континуираната употреба. За многу нешта ни треба повеќе искуство. Таксистите кои веќе возат се добра можност за тоа“, објаснува Бернд Егерт, од Економскиот совет на градот Хамбург.

До 2015 година треба да има најмалку 50 електро-такси возила. Тоа и не е многу со оглед на преку 3.000 такси возила во Хамбург. Градските татковци поради тоа се чувствуваат како пионери, и планираат натамошни проекти на електричен погон.