1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Емигрант како гарант за балканските економии

22 јули 2010

Во време на економска и финансиска криза, државите кои стојат слабо на економски план, стануваат зависни од парите кои ги испраќаат роднините-иселеници од Западот.

https://p.dw.com/p/ORLw
Фотографија: ullstein bild - Schöning

Трансакциите од дијаспората се покажаа како гарант за многу семејства во посиромашните земји. Во Молдавија и Таџикистан, износот на префрлените суми сочинува дури 1/3 од целокупниот бруто домашен производ. Сепак, според Светска банка, во кризната 2009 год. емигрантите префрлиле 1/5 помалку девизи во татковината, во споредба со другите години. Ова доаѓа или како резултат на помала заработувачка, или како последица од фактот што иселениците останале без работа. Оние, пак, кои ја нашле својата среќа во странство, се одлучуваат да се вратат, па дури и да инвестираат во својата татковина. Нов бран парична помош на Балканот секогаш доаѓа со почетокот на сезоната на одморите.

Голем број семејства не можат да преживеат без гастарбајтерските пари

Спортски авион, обоен во бело, сино и црвено - боите на знамето на Србија - се издигнува на небото и по неколку минутната вешто изведена акробација се спушта на тревникот. Од авионот на кој пишува „Made in Serbia“ излегува Милорад Матиќ. 37-годишниот татко на две деца не е само пилот и сопственик на авионот, туку поседува цела фабрика за авиони која ја основал пред три години во Краљево, 180 км јужно од Белград.

Flugzeug Kontrolle durch Fabrikchef Milorad Matic
Во производната хала на "Aero-East-Europe" работат 25 механичари и инженериФотографија: DW/Filip Slavkovic

Во производната хала на "Aero-East-Europe" работат 25 механичари и инженери. Капиталот за отворање на фабриката Матиќ го стекнал како „гастарбајтер“ во Италија и во Германија, а стручното знаење во Италија и во Чешка. Пред 20 години, со оглед на тоа дека неговото семејство немало што да јаде, заминал на Запад. Најнапред работел на градилишта во северна Италија, за потоа да основа градежна фирма на југот од Германија. Матиќ заработил доволно пари за да си го оствари и големиот сон од детството - да лета. Потоа се вратил во Србија како инвеститор.

„Оној што живее во странство, многу посилно го чувствува патриотизмот. Кога си тука, татковината не ти недостига, а сите оние што се надвор од неа, постојано ги влече нешто назад, тоа е онаа патриотска болка“, вели Матиќ.

Матиќ се одлучил да инвестира во својата земја од љубов кон неа, а неретко праќал и пари за да му помогне на семејството, како што прават и многу други Срби од дијаспората:

„Колку дијаспората им помага на семејствата дома? Многу! Им праќаат пари. Голем број од овие семејства не би можеле да преживеат без тие пари. Роднините или носат пари, или градат.“

Weltbank Bürochef in Bosnien Herzegowina Marco Mantovanelli
Марко Мантованели, шеф на Канцеларијата на Светска банка во СараевоФотографија: DW/Filip Slavkovic

Насекаде во Србија, Косово или Албанија, дури и во најоддалечните села никнуваат нови куќи. Парите за нив ги дава дијаспората. Марко Мантованели, директор на Канцеларијата на Светската банка во Сараево тврди:

„Поаѓаме од претпоставката дека најголемиот дел од парите оди кај сиромашните семејства, кај оние на кои помошта им е најмногу потребна. Со тоа, нивните роднини во странство преземаат улога на своевиден систем на социјална сигурност.“

Во Босна и Херцеговина, дијаспората годишно праќа пари во износ кој, според проценките на меѓународните експерти, изнесува 15% од бруто домашниот производ. Лани во земјата се слеале повеќе од 2,5 милиони долари од Западот.

Кризата ги направи роднините во странство поскржави

Продавачката на цвеќе на пазарот во центарот на Сараево, Нермина, профитирала од тоа. Мал број луѓе можат да си дозволат букет рози во време на економска криза. За да преживее, нејзе и ` помогнало тоа што нејзините роднини заминале во Америка на почетокот на војната:

„Неколкупати во годината, кога ни‘ е најпотребно, ни‘ праќаат неколку стотина долари. Не можат повеќе, зашто имаат кредити кои мора да ги отплаќаат. Се надевам дека еден ден, кога ќе им тргне на подобро, ќе ни‘ праќаат повеќе за да можеме да преживееме, зашто од продажбата на цвеќе одвај можеш да си направиш вечера.“

Продавачот на зеленчук на соседната тезга е незадоволен и тврди дека економската криза ги направила неговите браќа и сестри во Германија поскржави:

„Малку праќаат. Велат дека ним им е полошо од нас, бидејќи немале работа. Понекогаш се чудам кога соседот ќе ми рече како некој познаник му испртил повеќе пари отколку моето семејство мене.“

Светска банка пред една година предупреди дека токму сиромашните се најпогодени од кризата. Трансферот на пари во 2009 се намалил за 20%. Во Босна се слеале половина милијарда долари помалку отколку во 2008, а во Албанија, каде трансакциите од роднините во странство изнесуваат повеќе од 12% од БДП, 200 милиони долари помалку. Во Македонија нема промени во досегашната парична помош од дијаспората. Нејзиниот износ и натаму е околу 400 милиони долари годишно.

Автор: Филип Славковиќ / Далибор Стајиќ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска