1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Е.ОН се откажа од купување на Ендеса

6 април 2007

Е.ОН сепак не остана докрај со празни раце. И покрај разврската, ЕУ опстојува врз тужбата против Шпанија за попречување на преземањето

https://p.dw.com/p/AeIr
Вулф Бернотат, шеф на Е.ОН
Вулф Бернотат, шеф на Е.ОНФотографија: AP

Германскиот енергетски концерн Е.ОН од Диселдорф повеќе од една година се обидуваше да го преземе шпанскиот снабдувач со електрична енергија Ендеса. Но, наиде на голем отпор од шпанската влада и од конкуренцијата. Е.ОН кон крајот на март ја наголеми својата понуда на 42 милијарди евра. Но, ни тоа не беше доволно за да го скрши жестокиот отпор од страна на шпанската влада, како и од конкурентите Енел од Италија и Аксиона од Шпанија. Конечно, во понеделникот навечер Е.ОН објави дека се откажува од планот за преземање на Ендеса.

Според поговорката “Подобро врабец в рака, отколку гулаб на гранка”, за возврат за препуштањето на Ендеса на конкурентите, раководството на концернот прифати обемен пакет со севкупен волумен од 10 милијарди евра. Тој опфаќа активности во Шпанија, Италија и Франција, како и помали деловни зафати во Турција и Полска.

Шефот на Е.ОН Вулф Бернотат не скрива дека неговото претпријатије не ја постигна целта што си ја постави: “Ако цел беше целосно преземање, и тоа се спореди со ова што сега го имаме, се разбира, ова е разочарувачко”. Но, од друга страна, со договорениот компромисен пакет германскиот концерн на пазарите во во Шпанија и во Италија ќе заземе 4-та, во Франција дури 3-та позиција. Неговиот севкупниот деловен волумен само во Шпанија ќе биде колку во цела северна Европа.

Разврската околу овој случај сепак нема да ја одврати ЕУ од тужбата против Шпанија поради, како што смета Унијата, илегално попречување на преземањето на Ендеса од страна на германскиот концерн. Комисијата на Унијата во вторникот во Брисел соопшти дека тужбата пред Европскиот суд нема да биде повлечена.