1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: Без почеток на преговори растат ризиците за Македонија

Тони Гламчевски11 декември 2012

ЕП повеќе пати го повика Советот на ЕУ да започне преговори за членство на Македонија во ЕУ. Претседателите на трите најбројни парламентарни групи во ЕП за ДВ ги изнесуваат очекувањата од состанокот на Советот на ЕУ.

https://p.dw.com/p/16zgI
Фотографија: Getty Images

Австрискиот европратеник Јоханес Свобода, кој претседава со групата на Европските социјалисти и демократи во ЕП, изразува доза на оптимизам дека е можно да се добие датум за преговори.

„Се разбира дека сум оптимист, но тука се’ уште е ситуацијата со Грција и нејзиниот отпор против почетокот на преговорите пред решавањето на прашањето со името на Македонија. Но, останува да се види. Мислам сепак дека постојат извесни промени“.

Тој се залага за позицијата, која најчесто можеше да се слушне изминатиов период како можно решение за деблокирање на ситуацијата - почеток на преговори и паралелни преговори за решавање на спорот со името.

Mazedonien EU Flaggen
Фотографија: AP

„Потребно е да се решат сите проблеми, но само по почетокот на преговорите. Сите проблеми не можат да се решат пред почетокот на преговорите, но тие можат да се решат пред членството во ЕУ“.

Ако Македонија не добие датум за почеток на преговорите, Свобода е на мислење дека тоа може да биде лошо за нејзината стабилност, но и за регионот.

„Тоа носи ризици за регионот, за Македонија, за стабилноста во регионот, посебно големи ризици за Македонија каде живеат две големи етнички заедници“.

Дол: Вака не можеме вечно

Жозеп Дол претседателот на  групата на народните партии во ЕП се надева дека Советот конечно ќе донесе одлука за почеток на преговорите.

„Се надевам дека Советот ќе донесе таква одлука. Но, вие добро знаете дека тоа не е главната тема на Советот, ќе се обидам да видам со Ван Ромпој за да се постигне напредок по ова прашање“.

EU Gipfel Debatte Europa Parlament Straßburg Joseph Daul
Жозеп ДолФотографија: dapd

Францускиот европратеник смета дека Грција мора да направи напори од нејзина страна.

„Мислам дека Грција и мојот пријател Самарас треба да направи напори за да го реши ова прашање. Не можеме да продолжиме на ваков начин вечно“.

Хармс: Блокадите не носат ништо

Ребека Хармс, копретседателката на групата на Зелените во ЕП, која неодамна беше во посета на Грција со делегација на Зелените, вели дека прашањето за Македонија не беше на дневен ред при оваа посета.

„За време на претходната посета, ја имавме повеќе пати Македонија на дневниот ред и секогаш беше тешко да се зборува. Лично мислам дека грчката позиција во однос на Македонија и припаѓа на минатото. Вака не може да се продолжи понатаму од страна на Грција, бидејќи тоа е блокада на иднината“.

Rebecca Harms
Ребека ХармсФотографија: DW/Alexander Savitzky

„Според мене Грција треба да биде за отворање на преговори со Македонија. Ако се погледне картата на Европа вака како што постои сега, се гледа дека има голема празнина во ЕУ која се наоѓа на Балканот. Грција има интерес од проширувањето на ЕУ кон територијата на Балканот“.

Однесувањата и стратегиите на блокади според германската европратеничка не носат ништо. „Тие не носат ништо, потребно е да се биде отворен, специјално во земјите кои имаа шанси да станат членки на ЕУ. Тие не треба да ги блокираат преговорите со земјите од Балканот“.

Хармс не се осмелува да дава прогнози дали Македонија ќе добие датум за пеговори. „Не можам да проценам сега, но се’ е можно“, оценува таа.