1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: Не може вечно да се одложува почетокот на преговорите со Македонија

20 јануари 2012

Одлуката за започнување преговори за членство на Македонија во ЕУ е во рацете на Советот на ЕУ, пречка и натаму е спорот за името со Грција. Но во ЕП се бара решение бидејќи преговорите не можат вечно да се одлагаат.

https://p.dw.com/p/13mxR
Фотографија: picture alliance/Arco Images GmbH

Советот на Европската унија одлучи одлуката за почеток на преговори со Република Македонија да ја разгледа во текот на данското претседателство, не следејќи ја притоа препораката на Европскиот парламент и мислењето на Европската комисија.

Македонија не смее да ја изгуби надежта и волјата во процесот на евроинтеграциите

„Не смее да се изгуби волјата и надежта, реформите кои сега се прават не се потребни само за евроинтеграциите, туку и за самата Македонија.

Македонија е многу успешна во своите реформи, но тоа не е доволно, кризата во која се наоѓа ЕУ влијае на подготвеноста на некои земји да се забрза процесот на проширување. Сега многу повеќе се зборува за внатрешна стабилизација отколку за проширувањето. Но сепак за Македонија важно е процесот да тече и понатаму, за таа да не изгуби волја во нејзините напори и реформи, кои се услов за членство во ЕУ. Иако роковите ќе бидат продолжени поради кризата и се‘ помалиот интерес за проширувањето на некои клучни актери на ЕУ“, вели европратеникот од Словенија, Милан Звер во телефонскиот разговор за Дојче веле.

Тој смета дека Македонија треба да добие датум за преговори, без разлика на проблемот со името. Резолуцијата која се подготвува во Европскиот парламент за напредокот на Македонија, се движи во таа насока. Европратениците уште еднаш се подготвуваат да испратат повик за итно започнување на преговорите како и на пред-скрининг процесот на хармонизација на законодавството и придобивките на ЕУ, како и за спроведување на втората фаза на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Elmar Brok
Елмар БрокФотографија: picture-alliance / Sven Simon

Влијателниот германски европратеник Елмар Брок нагласува дека во групата на Народните партии имаше широка поддршка за земјата да добие статут на кандидат, иако се констатира дека поради името се‘ уште не започнале преговорите.

„Сето тоа зависи од едногласноста во Советот. Тука се‘ уште е прашањето со името. Ние само можеме да испратиме повик до двете влади да дискутираат и да најдат решение меѓу себе за да се подигне оваа пречка. На тој начин според напредокот на Македонија ќе можеме да ги започнеме преговорите“, вели германскиот европратеник Елмар Брок

Нов моментум за решение за името дури по грчките избори

За Јорго Шацимаркакис, европратеник од Германија од редовите на либералите, евроинтеграцијата на земјата е многу важна:

„Нема скоро ниту една друга земја каде поддршката за Европа е толку многу голема. Затоа е потребно да се зачува европската агенда на евроинтеграцијата. Но, знаете дека се‘ уште нема деблокирање на ситуацијата околу името. Грчката влада е многу тешка поради економската и финансиската криза и треба да се почека на изборите, кои според мене ќе бидат некаде во април. Потребно е да се почека новата грчка влада, потоа се надевам и верувам дека ќе имаме нов моментум за решение“.

Mazedonien EU-Parlamentarier Jorgo Chatzimarkakis Skopje
Јорго ШацимаркакисФотографија: Petr Stojanovski

Во мешовитиот комитет Европски парламент – Македонија постои еден вид на договор да не се дискутира за проблемот со името, со што тој би се нашол во центарот на расправите, вели Шацимаркакис.

„За нас, социјалната, економската и политичката интеграција на земјата е многу поважна. Во Комисијата за надворешни работи на ЕП се дискутира и се бара решение, но се‘ зависи од двете претстолнини, Атина и Скопје, а не од нас“, нагласува претседателот на делегацијата при ЕП за соработка со Македонија.

Во ЕП се бара решение за почеток на преговорите

Претседателот на групата на Народните партии - најголемата политичка група во ЕП, Жозеп Дол, открива:

„Јас и уште неколкумина други во Европскиот парламент во моментов работиме на тоа да има вистинска дискусија и вистинско решение. Бидејќи не ќе можеме вечно да го одложуваме почетокот на преговорите поради името. Потоа интеграцијата ќе оди според критериумите за проширување. Но ова прашање мора да се реши веднаш, сега“, категорично вели францускиот европратеник.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема