1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП: Проширување е можно и без Лисабонскиот договор

24 април 2009

Европскиот парламент денеска (24.04.2009) ја изгласа резолуцијата за европската иднина на Балканот, во која се даваат насоките кои земјите на Унијата и балканските земји треба да ги почитуваат за побрза интеграција.

https://p.dw.com/p/Hd84
Зградата на Европскиот парламентФотографија: picture-alliance / dpa

Европскиот парламент ја изгласа резолуцијата со огромно мнозинство од 305 гласови „за“, 35 против и 8 воздржани. Европратениците сметаат дека проширувањето на Европската Унија е можно и без влегување во сила на Лисабонскиот договор. За да не се забави процесот на проширување кон земјите од Западен Балкан, тие предлагаат „техничко“ уредување на постоечките институции потребни за новите проширувања, со убедување дека од првостепено значење е да се ратификува Лисабонскиот договор. Европратениците побараа од земјите кои имаат нерешени билатерални прашања да направат „значајни напори со цел да пронајдат прифатливи решенија за двете страни во билатералните конфликт“. Прашањата поврзани со билатерални спорови не смеат да го кочат почнувањето или текот на преговорите за членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, смета ЕП.

„На оние кои велат дека ЕУ не може да прифати нови земји-членки, се` додека не биде ратификуван договорот од Лисабон, им го велам спротивното - таа може да прими нови земји-членки, но за тоа е потребна политичка волја“, нагласи известувачот на ЕП за ова прашање, шведската европратеничка Ана Ибрисагиќ.

Во воведното излагање, чешкото претседателство инсистираше на тоа дека ЕУ не може да ги замени локалните политички сили на Балканот, и дека тие се оние што треба да најдат решение за нивните проблеми, по што патот за членство ќе биде отворен. Еврокомесарот Оли Рен во долгото обраќање пред ЕП, нагласи дека проширувањето не треба да биде виновник или изговор за водење грижа само за внатрешните проблеми на земјите-членки на ЕУ, бидејќи со тоа можат да бидат загрозени резултатите од досегашната стабилизација и асоцијација на Балканот. Според Рен, ако земјите од Западен Балкан ги исполнат условите, тие можат да напредуваат на патот на европската интеграција.

Главна пречка за Македонија е спорот со името

Што се однесува конкретно до Македонија, еврокомесарот Рен потсети дека во изминативе месеци беше подвлекувана важноста на локалните и претседателските избори за европската иднина на земјата. Тој нагласи: „Земјата одговори на позитивен начин. Приоритет сега треба да бидат реформите, на кои не треба да се заборави, земјата треба да ги забрза за да ги исполни утврдените цели, што ќе доведат до отворање на преговорите.“

Во дискусијата, европратениците во повеќе наврати повторија дека интеграцијата на земјите од Балканот е долг и макотрпен пат. Ако некој смета дека ќе биде интегрирана Хрватска и потоа ќе се чека, тоа не е многу реално: „Потребно е јасно да се каже дека постојат билатерални проблеми и дека е потребна процедура за да се изнајде решение за овие билатерални проблеми, на начин на кој нема да биде загрозен процесот на проширувањето“, нагласи Ханс Свобода.

Angelika Beer
Ангелика БеерФотографија: AP

Ангелика Беер изрази незадоволство од изборната стратегија на германската ЦДУ за претстојните европски избори, која, според европратеничката на Зелените, може да експлодира како бомба на Балканот. Како потврден пријател на Македонија, Беер додаде: „Потребно е да делуваме Грција да ја укине блокадата за приемот на Македонија во НАТО, а со тоа и за во ЕУ“.

Петр Нечос од чешкото претседателство со Европската унија, во однос на Македонија призна дека таа ги почитува најголемиот број меѓународни норми, кога станува збор за организирање и спроведување на изборите, но „јасно се гледа дека билатерланиот проблем со името претставува најголемата пречка по добивањето на кандидатскиот статус“.

Регионалната соработка е важна за интегрирање

Либор Ручек инсистираше на потребата од доброто функционирање и делување на балканските држави: „Потребно е да има стриктна поделба на судската, извршната и законодаванат власт за државата да може да функционира“. Според него, важно е секоја од земјите да биде претставувана само со еден единствен глас на надворешен план.

Бугарската европратеничка, Љубчева посебно стави акцент на регионалната соработка за европската интеграција на Балканот. „Го поддржувам укинувањето на визниот режим како важен чекор во интеграцијата на Западен Балкан“, нагласи таа.

Жил Маатен, од редовите на либералите и демократите, предупреди дека процесот на проширување не треба да се претвора во пенелопино платно - ноќе да се распарува, она што е исткаено дење. Балканот има природна определба да се интегрира во ЕУ, потребно е да се реализира вистинската интеграција на земјите од регионот и да не се користат барањата и условите за членство во Унијата само за непрекинато да се одлага нивната интеграција, смета тој.

Во ситуација на економска криза, во која постојат обиди за затворање на вратите на ЕУ, „извештајот е порака од страна на европарламентарците од сегашниов состав на ЕП пред престојните европски избори, дека ако Европа се затвори, нашата задача ќе биде да се грижиме таа повторно да ги отвори вратите“, заврши шведската европратеничка Ибрисагиќ.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска