1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган: Крунски момент во курдскиот мировен процес

Александар Методијев/афп/ројтерс16 ноември 2013

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го пречека во својата земја лидерот на ирачката Курдска автономна провинција Масуд Барзани. Средбата се случи на југоистокот од Турција и се оценува како пробив во мировниот процес.

https://p.dw.com/p/1AIsp
Фотографија: picture-alliance/dpa

Десетици илјади Курди излегоа на улица за да видат како турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го пречекува лидерот на ирачките Курди Масуд Барзани во Дијарбакир, на југоистокот од Турција. Тоа е најзначајниот град за турските Курди, кои доминираат на југоистокот од земјата.

Барзани го има посетено главниот град Анкара многупати, но денешната средба од страна на Ердоган беше опишана како историска и крунски момент во надминувањето на тридеценискиот конфликт со забранетата Курдска работничка партија (ПКК).

„Мировниот процес ќе напредува со поддршка на моите браќа од Дијарбакир“, го потенцираше Ердоган крунскиот момент. „Како можеа Турците и Курдите да се разделат едни од други? Турците и Курдите повеќе не би требале да се разделуваат“, додаде тој во говорот кој траеше половина час и во кој беше повикано да се стави крај на конфликтот, за кој се тврди дека однел околу 45.000 животи.

До него стоеше Барзани (на насловната фотографија), чие влијание врз турските Курди Анкара се надева дека ќе помогне тие да се вратат на преговарачката маса. Барзани побара од, како што рече, „курдските и турски браќа поддршка за мировниот процес“.

Илјадници бунтовници и натаму се кријат во автономниот север од Ирак и го користат регионот, кој е под контрола на Барзани, како отскочна штица за напади врз турски мети. Во интервју за агенцијата АФП, Барзани изјави дека Курдите би требале да користат ненасилни средства за да ја добијат татковината која тие веруваат дека ја заслужуваат.

„Да имаме своја сопствена држава е природно право на курдскиот народ, но тоа не може да биде постигнато преку насилство“, изјави Барзани за АФП.

Барзани и Ердоган го отворија првиот ден од церемониите, во кои ќе биде вклучен и настап на курдскиот поет и пејач Сиван Первер, кој побегнал од Турција во 1970-те години, како и свадба на 400 парови.

„Ова е историска посета за мене. Сите знаеме дека не беше можно да се зборува овде пред 15 или 20 години“, рече Барзани во обраќањето пред публиката, која вееше курдски знамиња во бела и портокалова боја.

Осудениот лидер на ПКК Абдула Оџалан уште во март годинава побара примирје, но напредокот во мировниот процес е во застој. Турската влада информираше дека еден од нејзините конвои вчера (15.11) бил нападнат од страна на бунтовници од ПКК, во близина на сириската граница.

„Вчера беа испукани куршуми кон мировните напори. Ние тоа нема да го дозволиме“, рече Ердоган во говорот. „Но, немајте дилема. Ќе ги видиме (борците од ПКК, н.з.) како се симнуваат од планините, а затворите ќе останат празни“, рече тој, мислејќи на планините во северен Ирак, каде се наоѓаат базите на ПКК.