1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган - непопустлив владетел

Баха Гингер/ Александра Трајковска4 јуни 2013

И покрај растечката критика од земјата и странство на сметка на неговиот авторитарен стил на владеење, Ердоган не попушта. Експерти за Турција стравуваат од нова ескалација на судирите меѓу демонстрантите и полицијата.

https://p.dw.com/p/18jHk
Фотографија: Reuters

Со денови Турција е зафатена од бран демонстрации, каков што досега немало во поновата историја на земјата. Тие се насочени против религиозниот премиер Реџеп Таип Ердоган. Беспримерно е и бруталното однесување на турската полиција против масите протестанти во Истанбул, во главниот град Анкара, како и во Измир и други центри во Анатолија. И покрај тензичната состојба Ердоган вчера (03.06), според планираното, замина на турнеја во Мароко, Тунис и Алжир. Досега на протестите има најмалку две жртви, а бројот на повредени во судирите изнесува близу 2.500 лица.

„Ердоган е избран премиер“

Од протестна акција на заштитниците на животната средина против амбициозен градежен проект на централниот плоштат Таксим во Истанбул на местото на еден мал парк, се развија демонстрации кои ги опфатија сите општествени слоеви. Непопусливоста на Ердоган и неговото сфаќање дека демонстрациите биле раководени од „маргинални групи“ предизвика споредби со деспотите соборени при „арапската пролет“. Гинтер Зојферт, експерт за Турција од фондацијата Наука и политика смета дека ваквите споредби не се коректни. „Ердоган, за разлика од соборените арапски лидери, е демократски избран премиер“. Турција не била тоталитарен режим и има редица демократски механизми, кои функционираат.

Türkei Istanbul Ankara Demonstrationen Mai Juni 2013
Фотографија: picture-alliance/dpa

Демонстрациите се опомена

Турскиот колумнист и поличики експерт Ченгиз Чандар по повеќе од десет години на власт гледа одреден „замор“ кај Ердоган: „Овој замор од владеење се обидува да го премачка со суетност и гордост или доколку е нужно со свирепоста на солзавецот и водените топови. Меѓутоа веќе не верувам дека овој народ идната година ќе го избере Ердоган за претседател и дека е подготвен да го трпи на таа позиција два мандати.“

Не може да се смета на тоа дека Ердоган ќе се извини кај турскиот народ за неговото однесување, како што побара водачот на опозицијата Кемал Киличдароглу, вчера (03.06) по разговорите со претседателот Абдула Ѓул. Експертот Зојферт смета дека религиозно-конзервативната влада на Ердоган треба да ги сфати демонстрациите како „опомена“: „Неговите шанси за повторно апсолутно мнозинство на изборите наредната година се во секој случај намалени“.

Без хомогена опозиција

За хомогена опозиција против Ердоган во моментов не може да стане збор. Приврзаниците на социјалдемократската Републиканска народна партија, кемалистите блиски до неа, нивните водечки идеи кои се темелат на сфаќањата на основачот на републиката Мустафа Кемал Ататурк, националистите, Курдите, Алевитите, кои од сунитската надмоќ во земјата се прифатени како религиозно малцинство, како и помали маргинални религиозни групи како „Антикапиталистички муслимани“ се собраа во опозиционен фронт. Што треба да се случи, доколку заедничката цел, да се собори Ердоган, биде постигната, за тоа во моментов не се дискутира.

Во рамките на, од Ердоган наречените, „луди проекти“, кои предвидуваат трет аеродром за Истанбул, канал за растоварување на морскиот теснец Босфор и мамутски џамии на централни плоштади и на височини, започна и градбата на третиот мост на Босфор. Тој е наречен по Осмалнискиот султан „Јавуз Султан Селим“. Владеењето на Султан Селим Први (1470-1520) е поврзано со прогон и масакар на Алевитите. Избор на име, кое на Еродган му донесе многу критика. И во овој спор Ердоган не покажа готовност за друго решение: „Нема да дозволиме неколкумина ограбувачи да ни го диктираат името на важен проект.“

Потсмев од Сирија

Од соседот Сирија, каде владее граѓанска војна и опозиционерите добија поддршка од Ердоган во нивната борба против деспотот Башар ал-Асад, вчера пристигнаа презир и потсмев. Сириското министерство за надворешни работи предупреди на опасност од патување во Турција, се вели во соопштението прочитано на сириската телевизија. Се вели дека безбедносната состојба во турските градови значително се влошила „поради насилни делувања на владата на Ердоган против мирните демонстранти“. Досега, според ОН, 380.000 луѓе од Сирија пребегаа во Турција.