1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ерменците во Турција денес

Сузане Ѓустен24 април 2008

На денешен 24. април по традиција се одбележува денот на протерувањето на Ерменците од Турција. Станува збор за акции на депортација проследени со голем број жртви во 1915-та година.

https://p.dw.com/p/DnrF
Чевличе на ерменско дете, најдено на патот каде минувале колоните протерани Ерменци во 1915-та годинаФотографија: presse


Тогашното Отоманско царство имено не веруваше во лојалноста на ерменското малцинство и затоа се обидуваше да се ослободи од него за време на Првата светска војна. Денес во Турција живее уште само мал број Ерменци, кои имаат определени малцински права - и тоа повеќе на хартија отколку во секојдневниот живот.◄


Средно училиште за Ерменците во Истанбул


Живо е во училишниот двор на гимназијата Есајан во центарот на Истанбул. 20 – 30 петнаесетгодишници во старомодни униформи се туркаат и се шегуваат во обидот да создадат одредена формација за групна фотографија.


„Се обидуваме да ја оформиме ерменската буква Е за да се сликаме. Буквата Е е почетна во името на нашата гимназија, а фотографијата ќе ја испраќаме како разгледница за нашите семејства и роднини„ – појаснува еден од учениците.


Во Есајан гимназија учат 340 деца од ерменско потекло. Во Истанбул има вкупно 16 вакви училишта, во другите турски градови нема ниту едно. Најголемиот дел од вкупно 80-те илјади Ерменци кои се останати во Турција по Првата светска војна се сконцентрирани во Истанбул. Некои странци се изненадени што во Турција воопшто има ерменско малцинство, вели наставникот по физичко Армандо Козантино.


Ерменците имаат права и слободи, но...


„Луѓе од страна воопшто не знаат дека овде можеме да живееме како Ерменци. Овде имаме ерменски цркви, училишта, ерменски социјални установи, имаме и некакви права и слободи.„


На Ерменците во Турција меѓународното право им гарантира сопствени цркви и училишта, користење на мајчиниот јазик и негување на ерменската култура. Тоа произлегува од Мировниот договор од Лозана, каде силите побединички во Првата светска војна и’ наложија на младата труска држава што призлезе од распадот на Отоманското царство да ги гарантира основните права и слободи на ерменското и другите малцинства. Но, тоа што стои во турскиот устав не се применува потполно во секојдневниот живот. Така на пример дел од учителите во ерменските училишта мора да бидат Турци, кои се испратени од Министерството за култура. Исто така правило е заменик-директорите да бидат Турци по националност:


„Турција со тоа недвосмислено става на знаење дека турските граѓани од ерменско потекло, кои се на пример директори на училиштата, не ги смета за вистински Турци„ – појаснува Рафи Хермон, заменик претседател на Здружението за човекови права, и самиот Ерменец по потекло.


Нема Ерменци во државна служба


Тој посочува и дека Ерменците во модерна Турција не можат да бидат државни службеници, ниту полицајци, ниту војници:


„Она што најитно им треба на граѓаните на Турција од немуслиманско потекло, тоа е признавањето како рамноправни граѓани на оваа земја. Додека ние не можеме да бидеме гувернери, дипломати, полицајци или учители во државна служба, до тогаш овде се’ уште имаме проблем!„