1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Етиката станува задолжителна за локалните функционери

Свето Тоевски 2 декември 2008

Општините во Македонија потпишаа етички кодекс. Во иднина, градоначалниците треба да работат потранспарентно и да се борат против корупцијата. Дали и овој документ ќе важи само на хартија?

https://p.dw.com/p/G7UX
Зоран Заев(во средина), градоначалникот на Струмица, кој е и в.д. лидер на СДСМ, беше обвинет за коруцпија.Фотографија: Macedonian Information Agency

Заедницата на општини на Македонија, ЗЕЛС и УНДП – Програмата за развој на Организацијата на Обединетите нации стартуваа кампања за претставување на етичкиот кодекс на локалните функционери. Овој акт, досега е усвоен од над 70 општински совети, а се очекува до крајот на годинава тоа да го сторат сите. Меѓу задолжителните стандарди на однесување се наведени транспарентноста, некорумпираност и давање отчет. Според градоначалникот на Кочани Љубомир Јанев, кој е и потпретседател на ЗЕЛС, овој кодекс треба да го потпишат и сите други избрани и именувани функционери во земјата, тргнувајќи од претседателот и премиерот.

Но, дали може етичкиот кодекс да биде брана против криминалните активности на политичарите? Извршната директорка на ЗЕЛС, Душица Перишиќ вели дека целта на кодексот е работите да се променат. „Не сакавме да имаме само мртва буква на хартија. Сега се обидуваме ова да им го претставиме на граѓаните, за да можат да бараат отчет од градоначалниците и советниците во нивните општини“.

Skopje,Ulica Makedonija
Граѓаните имаат право да знаат што работат нивните локални функционери.Фотографија: DW

Кодексите важат само на хартија

Универзитетската професорка и експерт за локална самоуправа Гордана Силјановска – Давкова смета дека многупати во Република Македонија законите и кодексите се само симболи и инструменти на така наречена „етика на хартија и етички принципи“. „Често оние кои што се творци на кодексите, всушност, не се дружат премногу со етичките приниципи“, заклучува Дафкова.

Универзитетскиот професор по политички науки Димитар Мирчев посочува на едно истражување спроведено пред осум години меѓу 800 високи функционери од центално и локално ниво. „Имотната состојба и финансиската позиција на голем и широк круг од елитата се релативно ниски и поради тоа таа не е отпорна на коруптивни дејствувања. Таа многу често подлегнува на најразлични притисоци и понуди, за да направи нешто незаконско и вонзаконско, од кое таа ќе има корист, бидејќи нејзиниот стандард е недоволен“, заклучува Мирчев.

Д-р Силјановска – Давкова додава и дека на одреден начин не дојде само до децентрализација на надлежностите и парите, туку и до децентрализација на корупцијата. „И на локално ниво, честопати постојат моќни партиски олигархиски групи, локални кланови, локални шерифи, локални политички семејства, кои не веруваат во етичките принципи, ниту ги почитуваат“.

Македонските политичари се далеку од европските стандарди?

Колку се далеку или блиску македонските политичари до европскиот профил на политичар? „Се’ уште се далеку“, констатира д-р Мирчев и посочува дека со кадарот кој сега го има Македонија, земјата нема големи шанси бргу да и се приближи на Европската унија и на нејзините политички стандарди. „На пример, таа засега не критикува поради недостиг на политички дијалог. Но, и недостигот на политички дијалог е резултат на оспособеноста и квалификуваноста на нашите функционери да водат таков дијалог“, вели Мирчев.

Што мислат за своите локални функционери, граѓаните ќе кажат на општинските избори, кои треба да се одржат следната година напролет.