1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еуфорија по раѓањето на кралското бебе

СН/ЖА/миа/мф/ртр/афп23 јули 2013

Граѓаните на Велика Британија го слават раѓањето на синот на војвотката од Кембриџ, Кетрин Мидлтон и принцот Вилијам. Името на бебето ќе биде познато во наредните денови.

https://p.dw.com/p/19CB1
Фотографија: Reuters

Војводата од Кембриџ принцот Вилијам во кусата изјава, по раѓањето на синот, изјави дека тој и неговата сопруга, војвотката од Кембриџ, во овој момент не може да бидат посреќни. Нивното бебе се роди, вчера, во 16.24 часот по британско време, откако рано утрината, околу шест часот, Вилијам и Кетрин Мидлтон дојдоа во гинеколошкиот оддел на болницата Сент Мери, по првите породилни болки на војвотката.

Инаку службеното соопштение на Бакингамската палата за раѓањето на кралското бебе, синот на војводата и војвотката од Кембриџ принцот Вилијам и Кетрин Мидлтон, предизвика воодушевување во британската јавност. Веста за породувањето на војвотката беше поздравено со аплауз од насобраните луѓе и од бројните репортери, собрани пред гинеколошкиот оддел на болницата Сент Мери во лондонскиот кварт Падингтон, како и со овации и бурно одобрување на луѓето кои дојдени од сите страни на Велика Британија, ја очекуваа радосната вест пред Бакингамската палата.

Според кралската традиција, веста за раѓањето на бебето, идниот британски крал, во форма на официјален билтен и потпишана од лекарите кои го извршија породувањето, беше поставена на посебен сталак на влезот на кралската палата во центарот на Лондон.

Kate und William
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кралицата Елизабета, нејзиниот сопруг принцот Филип, престолонаследникот Чарлс, неговата сопруга, војвотката од Корнвол, Камила Паркер, принцот Хари и членовите на двете семејства, во заедничка изјава изразуваат големо задоволство од раѓањето на синот на принцот Вилијам и Кетрин Мидлтон. Во посебна изјава, принцот Чарлс, таткото на Вилијам и свекор на Кетрин, вели дека е „безгранично горд и среќен како дедо“.

Британскиот премиер Дејвид Камерон во изјавата пред влезот во својата службена резиденција, во Даунинг стрит 10, порача дека „гордата Велика Британија“ го прославува раѓањето на идниот британски крал.

„Ова е значаен момент во животот на нашата држава но над се, ова е извонреден момент на среќа и радост за брачниот пар Вилијам и Кетрин, рече премиерот Камерон. Честитки до младите родители на идниот крал испратија и првите министри на Шкотска и на Велс, како и надбискупот од Кантербери. Првите честитки од странство пристигнаа од американскиот претседател Барак Обама и неговата сопруга Мишел, како и од канадскиот премиер Стивен Харпер. Сите лондонски споменици и објекти кои се симбол на британскиот главен град,ноќеска беа посебно осветлени со боите на британското знаме, прославувајќи го раѓањето на бебето кое ќе биде крал.

Вакви моменти во историјата на земјата, кога се раѓа бебе во кралското семејство кое е во директна линија со престолот, во поново време се случуваат на околу 30 години. Името на идниот монарх не е наведено и се очекува тоа да биде објавено во следните денови.