1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ бара заеднички курс во однос на Косово и неговиот статус

Бернд Ригерт30 март 2007

Денеска во Бремен неформална средба на министри за надворешни работи на земјите на ЕУ. Ќе стане збор и за други актуелни теми

https://p.dw.com/p/AbyA
Домаќин на средбата: Франк-Валтер Штајнмаер
Домаќин на средбата: Франк-Валтер ШтајнмаерФотографија: AP

Неформалните министерски средби ги измисли во 1974-та година тогашниот германски министер за надворешни работи Валтер Шел. Унијата имаше 9 земји-членки и министрите во мал круг и опуштена атмосфера, без големи штабови на соработници, можеа да разговараат околу политичките стратегии. Но, неформалните средби во меѓувреме се строго организирани мини-самити.

Денеска во Бремен домаќин на собирот на министрите од 27-те земји на ЕУ ќе биде актуелниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, кој и потекнува од околината тој град. Ќе учествуваат и еврокомесари, Високиот претставник за надворешна политика Хавиер Солана и министрите од земјите-кандидати за членство Турција, Хрватска и Македонија - сите тие придружувани и од големи делегации. Исто како од времето на Шел е само што нема цврст дневен ред и нема да бидат донесени заклучоци.

Се очекува дискусија да предизвика актуелната криза со заробените британски маринци од страна на ирански војници. ЕУ и’ вети неограничена солидарност на Велика Британија. Германскиот канцелар Ангела Меркел, како претседавач со Унијата, побара моментно ослободување на уапсените. Со оглед на развојот на кризата, останува актуелно прашањето: каков однос понатаму спрема Техеран? Со оваа криза се чини дека пропаднаа и надежите за нови преговори во врска и со спорната иранска атомска програма.

Централен пункт за дискусија, всушност, треба да биде стратегијата за разјаснување на статусот на Косово. По неуспехот на преговорите меѓу Белград и Приштина, решението сега е во рацете на Советот за безбедност на ОН. ЕУ настојува да изгради заеднички став, оти ќе треба да ја организира цивилната управа и изградбата на државни структури на Косово по решението на Советот за безбедност.

ЕУ најмалку две години треба да врши надзор над правосудството, полицијата и можеби и над решенијата на парламентот на Косово, се вели во еден документ за денешната средба во Бремен. На Косово треба да бидат испратени 1300 до 1500 полицајци, цариници и судии од државите на Унијата. Хавиер Солана изрично предупреди на екстремистички групи како на албанска, исто така и на српска страна, кои би можеле да имаат интерес да провоцираат инциденти и бегалски движења.

Кај некои земји на Унијата расте разбирањето за ставот на Србија дека Косово е составен дел од државата и затоа одбива негова независност. Се очекува Грција, Шпанија, Кипар и Романија интерно да вршат притисок за омекнување на консеквентната подршка на планот на Марти Ахтисари за надгледувана независност на досегашната српска покраина. Австрија, Чешка, Унгарија, Словенија, Словачка и Полска се залагаат на Србија да и’ се направат конкретни понуди во замена за согласност со планот на Ахтисари. Замисливи би биле преговори за склучување Договор за стабилизација и асоцијација без претходно израчување на генерал Ратко Младиќ на Хашкиот трибунал, што досега стриктно го отфрлаше Велика Британија.

Инаку, други теми на средбата ќе бидат ситуацијата на Блискиот исток, во Судан и Белорусија. Франк-Валтер Штајнмаер ќе извести и за своите средби со претставници на петте централноазиски републики. ЕУ сака до јуни да усвои стратегија за Централна Азија, со цел да си обезбеди пристап кон резервите од нафта и гас во тој регион.