1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ бара решение за руско-украинскиот проблем со гасот

Дојче Веле и Агенции 8 јануари 2009

По целосното стопирање на рускиот гас за Европа, којшто оди преку Украина, ЕУ бара излез од ситуацијата и решение на проблемот. Експертите предупредуваат од колапс на гасоводниот систем.

https://p.dw.com/p/GUCF
Чешкиот министер за енергетика, Мартин Риман, прави напори за надминување на споротФотографија: AP

ЕУ денеска (08.01.2009) ќе се обиде да пронајде решение за проблемот со гасот меѓу Русија и Украина. На средбата во Брисел со еврокомесарот за енергетика, Андрис Пиебалгс и чешкиот министер за енергетика, Мартин Риман, ќе присуствуваат и шефот на рускиот концерн „Гаспром“, Алексеј Милер, како и шефот на украинскиот „Нафтогас“, Олег Дубина. Целта е да се постигне договор околу испраќањето набљудувачи на ЕУ во Украина, коишто ќе го контролираат протокот на гас кон Европа - услов што го постави Русија.

Претседавачот со ЕУ, чешкиот премиер Мирек Тополанек, објасни: „На оваа средба ќе се обидеме да пронајдеме техничко решение. Потоа, група меѓународни набљудувачи ќе може да оди на руско-украинската граница за да ја провери ситуацијата со испораката на гасот“.

ЕУ предупредува од последиците

ЕУ претходно ги предупреди Украина и Русија дека можат да се соочат со долгорочни последици ако веднаш не го решат проблемот што ескалираше откако во средата Москва целосно ја запре испораката на гас кон Европа, којашто оди преку украинскиот гасовод.

Gasstreit Russland Ukraine
Русија и Украина можат да се соочат со долгорочни последициФотографија: AP

„Ако транзитот на рускиот гас не се нормализира, тогаш имаме вистински проблем и ЕУ ќе треба да преиспита дали треба Русија да биде главниот лиферант на гас, како и дали испораката да оди преку Украина“, рече првиот човек на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. Тој нагласи дека и рускиот премиер Владимир Путин и украинската премиерка Јулија Тимошенко ја прифатиле понудата на ЕУ за испраќање на меѓународни набљудувачи кои ќе го надгледуваат транзитот на рускиот гас. ЕУ се’ уште се надева дека можеби нема да треба да дојде до ваква мисија.

Чешкиот премиер Тополанек им даде на страните рок од 24 часа да го решат проблемот и повторно да протече гас кон Европа. „Ако испораката на руски гас не продолжи, ЕУ ќе мора да преземе категорични мерки. Очигледно е дека овој проблем има и политичка димензија“, рече Тополанек.

Можен колапс на гасоводниот систем?

Во Брисел се зголемуваат стравувањата дека сегашниот застој на испораката може да предизвика колапс на гасоводниот систем во Украина. Весникот „Фајненшел Тајмс Дојчланд“ цитира неименувани експерти за гас од Европската комисија кои велат дека постои реална закана од технички колапс на системот. Вакво нешто, според истите извори, може да биде огромен проблем за повеќе земји, особено од источна Европа кои ќе бидат принудени да воведат вонредна состојба во оваа екстремно студена зима.

Во Бугарија, Унгарија, Словачка и Полска веќе е воведена вонредна состојба поради прекинот на доток на гас во овие земји. Десетици илјади луѓе се смрзнуваат во студените домови.