1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ вежба за спречување на шверц со атомски материјали

Ралф Бозен/ Симе Недевски15 мај 2013

Европската унија ја засилува борбата против криумчарењето на атомски материјали. Во близина на германскиот град Карлсруе се обучуваат инспектори за разоткривање на илегална трговија со радиоактивни супстанции.

https://p.dw.com/p/18Xcs
Фотографија: European Commission 2013

Сирената засвири. Кај камионот кој сега поминува покрај челичните столбови со вградени детектори на зрачење, е измерено зголемено гама зрачење. Компјутерскиот глас предупредува: „Гама аларм, гама аларм“.

Учесниците на обуката кои седат во контејнерите во рамките на Тренинг центарот на ЕУ за нуклеарна безбеднот (Eусектрa), посегнуваат по мобилните апарати за мерење и потоа забрзано ја напуштаат просторијата за да го запрат камионот. Сега мораат да ги разјаснат најважните прашања: Од каде точно доаѓа зрачењето и колку е високо? Дали станува збор за лажен аларм или некој се обидува да прокриумчари плутониум кој може да се користи за оружје?

Лажни тревоги дел од секојдневието

Шефот на проектот Клаус Мајер, кој го надгледува изведувањето на вежбите, објаснува: „Во овој случај би ги одвоиле транспортните материјали од личноста и би го барале изворот на зрачење.“

Инспекторите го обиколија камионот од сите страни. Во текот на проверката на задниот дел на камионот, апаратите засвиера уште посилно. Изворот на зрачење е откриен. Во прашање е само вреќа со вештачко ѓубриво, контаминирано со ураниум и во рамките на граничната вредност. Таква лажна проверка е сосема вообичаена на надворешните граници на ЕУ или на аеродромите и на пристаништата.

Europäischen Ausbildungszentrum für Gefahrenabwehr im Nuklearbereich EUSECTRA
Фотографија: European Commission 2013

Со оглед на се’ поголемата распространетост на нуклеарен материјал, многу стручњаци за безбедност сметаат дека одбраната од опасност во атомската област е еден од најголемите глобални предизвици на 21. век.

Соработка и изградба мрежа на стручњаци

ЕУ инвестираше 2,3 милиони евра во постројката Егенштајн-Леополдсхафен кај Карлсруе. Центарот е основан во рамките на акцискиот план за одбрана од хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани, кои Европскиот совет го усвои во 2009 година. Програмите за обука се развиени во соработка со Меѓународната агенција за атомска енергија и американското Министерство за енергетика.

Покрај борбата против илегалната трговија со радиоактивен материјал, центарот Еусектра поддржува и прекугранична соработка и создавање на мрежа на стручњаци. Центарот се состои од сала за обука, неколку лаборатории и објекти на отворено, во кои се изведуваат најразлични вежби. На патот до главната зграда мора да се помине низ неколку контроли. Пред лабораторијата, каде контролите се најстроги, неопходна е посебна картичка за влез, мобилните телефони мораат да се предадат, и потоа се поминува низ разни апарати за скенирање на тело. Пред влезот во лабораторијата обложена со бели плочки, секој учесник на семинарот мора да облече бел мантил и памучни навлаки за чевлите. Таму се вежбаат разни контроли, на пример на аеродром на лентата за багаж или се формира работилница за еден можен терорист. Покрај тоа постојат и мерни инструменти од американско и од руско производство.

Europäischen Ausbildungszentrum für Gefahrenabwehr im Nuklearbereich EUSECTRA
Фотографија: European Commission 2013

Во вистинско време да се влезе во трага на криумчарите

Пред да биде основан центарот, вели Клаус Мајер, тој и неговите колеги заклучиле дека ниту една држава членка на ЕУ не нуди тренинзи за откривање на ураниум или плутониум: „Сега можеме нешто да понудиме што е интересно не само за државите од ЕУ, туку и на Меѓународната агенција за атомска енергија и партнерите на ЕУ.“

За сега меѓународните партнери се многу заинтересирани за проектот. Од отворањето на Центарот во април се одржани повеќе семинари за учесници од Африка, Азија, Заедницата на независни држави и од Европа. Колку и да се различни земјите, нив ги обединува надежта дека во вистинско време ќе им влезат во трага на криумчарите со нуклеарен материјал, но и загриженоста дека тоа предупредување ќе дојде предоцна.