1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ воведе нови санкции за Сирија

АТ/ дпа/ афп/ дапд15 октомври 2012

ЕУ повторно го зголеми притисокот врз режимот на Башар ел Асад со заострување на санкциите за Сирија. - Турција приземји нов странски авион, овојпат ерменски.

https://p.dw.com/p/16QIk
Фотографија: dapd

Министрите за надворешни работи на ЕУ на советувањата денеска (15.10.2012) во Луксембург на долгата листа со санкции дополнија 28 поддржувачи и лица блиски и сирискиот режим, на кои им се забранува влез во ЕУ. Исто така ќе биде замрзнат и нивниот имот во ЕУ. Овие лица се обвинуваат дека биле соодговорни за насилството против опозицијата и цивилното население. За првпат министрите за надворешни работи на ЕУ усвоија и санкции за забрана за слетување на авиони на државната сириска авиокомпанија во Европа.

Освен ова на „црната листа“ се најдоа две нови фирми, со кои претпријатијата или институциите на ЕУ повеќе не смеат да имаат деловни контакти. Според дипломатите на ЕУ сириските претпријатија се под сомневање дека купувале оружје и други стоки, за да го задушат опозиционото движење во Сирија.

Вкупно на листата за санкции на ЕУ против Сирија се наоѓаат 181 лица и 55 претпријатија или институции на администрацијата. Изминатите месеци беше усвоено и ембарго за оружје и нафта.

Повторно запрен авион на лет кон Сирија

Турското воздухопловство повторно принудно слета странски авион. Овојпат станува збор за ерменски авион. Авионот се проверуваше на аеродромот во градот Ерзурум на истокот на земјата, објави СиЕнЕн Турк. Владата во Анкара соопшти дека во авионот имало хуманитарна помош за економската метропола Алепо. Ерменската влада во Ереван се изјасни дека слетувањето било договорено. Авионот во меѓувреме е ослободен.

Во Сирија продолжуваат борбите меѓу бунтовниците и владините трупи исто така и во пограничната област кон Турција. Многумина сириски бегалци кои пристигнаа во провинцијата Хатај морале да бидат медициснки згрижени поради прострелни рани, соопштија турските медиуми. Сириските активисти информираат дека во близина на главниот град Дамаск биле пронајдени најмалку 100 тела. Луѓето најверојатно биле егзекутирани. Овие податоци неможат да бидат проверени од независни извори.