1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го зголемува притисокот врз Унгарија

Кристоф Хазелбах/Б. Георгиевски19 април 2013

Европската комисија и Eвропскиот парламент и‘ се заканија на унгарската влада дека ќе ја тужат пред суд поради уставните измени. Многу европски политичари сметаат дека Унгарија си игра со принципите на ЕУ.

https://p.dw.com/p/18JPt
Фотографија: Reuters

Владата на унгарскиот премиер Виктор Орбан со години е во клинч со институциите на ЕУ. Европската комисија во повеќе наврати изразуваше загриженост поради реформите кои ги спроведува или сака да ги спроведе владејачката Фидес. Последните заклучоци на парламентот во Будимпешта ја ограничуваат независноста на правосудството, на медиумите им наметнуваат најразлични услови, а унгарските граѓани треба да бидат директно вклучени во плаќање на казните кои ЕУ би и‘ ги изрекла на земјата.

Европската комесарка за правосудство Вивијен Рединг пред европратениците рече дека и натаму ќе инсистира на тоа законите во Унгарија да бидат во согласност со законите на ЕУ. Правилата на ЕУ предвидуваат, доколку некоја земја-членка ги прекрши договорите, да и‘ се одземе правото на глас во Министерскиот совет. Тоа практично би значело исклучување на Унгарија од ЕУ, и затоа Рединг најави дека ќе биде внимателна пред, како што рече, да ја употреби „атомската бомба“.

Погрешен впечаток

Пратеникот Франк Енгел од Луксембург предупреди да не се претерува со нападите врз Унгарија за да не се случи граѓаните да стекнат впечаток дека ЕУ не е на нивна страна.

Europaparlament EU-Kommissarin Viviane Reding Ungarn
Вивијен РедингФотографија: Reuters

„Грците веќе стекнаа таков впечаток, Кипраните, Италијанците и Португалците исто така. Имам впечаток дека Европа е на пат да ги загуби своите бројни народи“.

За Ребека Хармс од германската партија на Зелените нема ни збор дека Парламентот се меша во внатрешните работи на една земја.

„Граѓанските права и правната држава се срцето на европскиот проект. Доколку тоа биде само празно ветување кое не можеме да го исполниме, тогаш се откажуваме од суштината на европскиот проект“.

Шефот на социјалистите во Европскиот парламент, Ханес Свобода, оцени дека во Унгарија е во пораст и антисемитизмот.

„Не можете немо да набљудувате кога на таблата на која го пишува името на некој професор некој ќе допише Евреин и ќе стави кукест крст“.

Самоволие против правна држава

Пратениците во Европскиот парламент од унгарскиот Фидес, пак, сметаат дека нивната партија ја добила улогата на „дежурен виновник“. Тие укажуваат дека Фидес на демократски начин добила двотретинско мнозинство во парламентот, а со тоа и право да го менува Уставот.

Кристина Морваи од десничарската унгарска партија Јобик ја обвини комесарката Рединг дека не го разбира правото.

Rebecca Harms
Ребека ХармсФотографија: DW/Alexander Savitzky

„За нас правниците, правната држава е спротивна на самоволието. Ова што вие во вашата долгогодишна војна против Унгарија го правите е чисто самоволие“.

И либералот од Белгија Ги Ферхофштат е правник и тој смета дека Унгарија веќе досега ги прекршила законите на ЕУ. Затоа ја критикуваше резервираноста на Европската комисија и побара од неа и формално да се отвори постапка против владата во Унгарија поради кршење на европските договори.

Одлуката за тоа се уште не е донесена, а се очекува извештајот за Унгарија во Европскиот парламент да биде претставен во јуни. Тогаш и Европската комисија ќе одлучи дали ќе поведе постапка против Унгарија.