1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ го осуди насилството на изборите во Албанија

Александар Методијев/дпа/ап/ројтерс/миа23 јуни 2013

Парламентарните избори во Албанија се одвиваат со насилство, во кое еден опозициски симпатизер го загуби животот, а друг беше цел на напад со автомобил-бомба. Набљудувачите информираат за бројни прекршувања на гласањето.

https://p.dw.com/p/18uhs
Фотографија: picture-alliance/dpa

Набљудувач на албанската опозициското Социјалистичко движење за интеграција (ЛСИ) беше убиен на гласачко место во Лач, на некои 35 километри северно од Тирана, а две други лица беа повредени. Албанските медиуми јавија дека во јадранскиот пристанишен град Валона била поставена бомба на возило на политичар од опозициската Социјалистичка партија и дека таа експлодирала. Нема информација за повредени лица. Екипа на тиранската телевизија Топ-чанел, која била ангажирана за следење на изборниот процес во албанскиот град Лач, била нападната од повеќе лица. Новинарката Арта Бериша информираше дека физички бил нападнат нејзиниот снимател Лорик Бајрами, кому му била скршена камерата. Екипата била нападната затоа што снимила како група на луѓе им се заканува на гласачите дека ако се за левицата не ќе може да влезат и да гласаат. Регистрирани се и бројни прекршувања на избирачкиот процес. Набљудувачите забележале гласање без документи за идентификација, групно гласање и ненавремено отворање на гласачките места.

Насилството за време на изборите во Албанија го осуди претставникот на ЕУ во земјата Еторе Секуи.

„Сакам да кажам нешто многу јасно и многу цврсто. Во меѓународните и европски стандарди за избори се отфрла насилството“, изјави амбасадорот на ЕУ во Тирана Еторе Секуи. Тој нагласи дека насилството нема да се толерира и упати апел до политичките партии и нивните поддржувачи да го зачуваат мирот и изборите да минат во фер и демократска атмосфера. Од 1991 година Албанија нема спроведено целосно слободни и фер избори, а повторниот неуспех ќе ги попречи амбициите за приклучување кон ЕУ.

Ettore Sequi
Еторе Секуи, амбасадор на ЕУ во АлбанијаФотографија: DW/A.Ruci

Лидерите на албанската опозиција, Еди Рама и Илир Мета, побараа полицијата да не ги заштитува криминалците, кои прават проблеми на изборите. Рама и Мета апелираа до граѓаните да излезат на гласање, нагласувајќи дека албанскиот премиер Сали Бериша „не може да ја држи власта со крв“.

„И во овој миг кога зборувам полицијата не ја врши потребната задача. Криминални сили со поддршка на полицијата се пуштија во акција уште во утринските часови. Ние сме тука и апелираме на што помасовен одѕив на изборите. Не постои криминалец кој ќе го спречи народот на одлучи“, порача Рама, кој е лидер на Социјалистичката партија (ПС).

Albanien Wahlen Attentat auf Oppositionsaktivist 23.06.2013
Местото на убиство на 53-годишниот Ѓон ЃониФотографија: picture-alliance/dpa

Според Рама, пукањето било со цел да се заплашат граѓаните и да останат подалеку од гласачките кутии.

„Јас апелирам до луѓето да гласаат, затоа што одлуката која одзема само неколку минути ќе ги одлучи не само следниве четири години, туку и судбината на многу генерации“, додаде Рама.

Лидерот на Социјалистичко движење за интеграција Илир Мета изјави дека лично побарал од директорот на албанската полиција да го запре крвопролевањето во подрачјето на Лач.

„Бандитите и криминалците во моментов се пред гласачките места, поддржани од полицијата. Лично директорот на државната полиција ги заштитува криминалците. Сали Бериша добро знае дека веќе не е премиер на Албанија. Тој не може да остане на власт со бандити и со крв“, изјави Мета.

Албанскиот премиер Сали Бериша одговори дека гарантира оти гласот на секој граѓанин целосно ќе се почитува. Бериша не сакаше да го коментира убиството на опозицискиот симпатизер во Лач.

Albanien Wahlen Wähler Wahllokal Wahlurne 23.06.2013
Набљудувачите регистрирале бројни нерегуларности на парламентарните избори во АлбанијаФотографија: picture-alliance/AP

„Ќе дадам изјава откако ќе добијам целосна информација за тоа“, рече Бериша. Тој и’ се заблагодари на дијаспората која дошла да гласа во земјата.

„Ги повикувам сите Албанци да гласаат бидејќи овие избори се клучни за наредните четири години. Им честитам на оние кои денес по првпат гласаат и им се заблагодарувам на емигрантите кои дојдоа во татковината за да го остварат нивното право“, рече Бериша.