ЕУ засега без единствен став околу Косово
19 ноември 2007
Победникот на изборите на Косово Хашим Тачи воопшто не ги крие своите намери: сака независно Косово. Додуша преговорите за иднината на покраината траат до 10 декември, меѓутоа, Тачи веќе сега најави дека има намера да прогласи независност. Министрите за надворешни рабпти на Европската унија тоа нерадо го слушаат, иако не се изненадени. Косово со месеци се заканува дека ќе прогласи независност од Србија во цврсто убедување дека Америка ќе ја признае и на тој начин ќе биде создаден свршен чин. За ова прашање Европа е поделена. Се претпоствува дека министрите и денеска во Брисел нема да постигнат согласност. Во Унијата се среќни што до декември има се уште време до кога би постигнале единствен став. Европската унија, заедно со САД и Русија се обидува да најде решение за спорот меѓу косовските Албанци и Србија, но изгледите за тоа се лоши. Преговарачот од европска страна Фолфганг Ишингер:
„Се уште обете страни се далеку и наша цел е токму тоа – да ги приближиме колку што е можно повеќе. Но, тоа исто така значи да се прифатат и болни решенија„.
Проблем е и тоа што посредничките сили меѓу себе не се единствени: Унијата е принципиелно за независност на Косово, подеднакво како и САД. Русија напротив не сака да слушне за независно Косово и ја поддржува владата во Белград. Најголема загриженост предизвикува можноста од избувнување немири на Косово што би можеле да се префрлат и врз соседната Босна и Херцеговина, или да предизвикаат пожар на целиот Балкан, што би било дебакл за Европа.