1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Зелено светло за механизмот за суспензија на безвизниот режим

АТ/ Шпигел/ Тагесшпигел/ ВАЦ/ дв6 декември 2013

Можната суспензија на безвизниот режим за балканските земји доби зелено светло и од Брисел. Германските весници покрај за оваа тема пишуваат и за дебатата за слободата на движење во Унијата.

https://p.dw.com/p/1AUJP
Фотографија: Fotolia/chrisdorney

„Шпигел онлајн“ пишува за одлуката на ЕУ- министрите за внатрешни работи да се воведе механизам за привремена суспензија на безвизниот режим за земјите од Балканот. „На одредено време може да се суспендира безвизниот режим за државјаните од одредени земји, како на пример од Србија. Повеќе земји, меѓу кои Германија и Франција побараа воведување на тој механизам, бидејќи сѐ повеќе луѓе од Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора бараат азил. Таа мерка меѓутоа е предвидена само како последна можност и тоа максимално во траење од шест месеци. За да се придвижи механизмот, потребно е соодветната земја да го предаде барањето, а мнозинството ЕУ земји мора да го одобрат тоа“, појаснува „Шпигел“.

Весникот додава дека многумина од оние кои барале азил се Роми: „Тие се сметаат за бегалци од економски причини, кои не се политички гонети. Оттука германските власти ги одбиваат мнозинството од тие барања“.

Германија го блокира пристапот на Бугарија и Романија во Шенген

Весникот „Тагесшпигел“ се осврнува на дебатата која за слободата на движење ја поттикна германскиот министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих. Тој на состанокот на министрите за внатрешни работи во четвртокот (05.12) во Брисел го тематизираше т.н. „вселување на сиромашните“ во западните земји на Европската унија, мислејќи притоа пред сѐ на Романците и Бугарите, за кои од почетокот на наредната година престанува ограничувањето на слободата на движењето. „Тагесшпигел“ пишува дека таа дебата го покажува она што е обележје на германската политика на доселување: „Прво да се смири сопствената совест. И второ, дека вселувањето може да биде дури тогаш добро, ако им служи на нашите економски интереси“.

Весникот дополнува дека во целата дебата околу барањата за натамошно ограничување на слободата на движење на Романците и Бугарите е дотолку и „симболична политика, кога германскиот министер за внатрешни работи и натаму го блокира пристапот на Бугарија и Романија во Шенген зоната. Кој сака да дојде во Германија, во тоа нема да може да го спречи ниту една рампа на граница“.

Во коментарот во „ВАЦ“ под наслов „Слобода на движење во времиња на криза“ весникот наведува дека слободата на движење е многу популарна во Европската унија. „Единствено Британците чувствуваат можеби дури и генетска нелагодност што луѓето од континентот сакаат да го уживаат правото едноставно да дојдат на Островоот и таму да се движат, како да се дома. Во останатите 27 држави членки деловните луѓе, студентите, туристите и оние кои бараат работа се согласни дека таа слобода на движењето е темелно достигнување на европското единство. Но тоа одобрување бледее откога зад слободата на движењето се појави грдата сестра со име, вселување на сиромашните. А и откако ЕУ сограѓанинот од Романија или Бугарија во некои случаи се покажа како припадник на едно малцинство, за кој неофицијално сѐ уште е вообичаен називот 'циганин'. ЕУ - домородецот, пред сѐ оној во побогатите држави членки, во странецот од ЕУ гледа конкурент за работните места кои ги има сѐ помалку, а во екстремен случај дури и паразит, кој се храни од социјална помош. Таа слика меѓутоа е погрешна, оти кога ќе се собере сѐ, тогаш се гледа дека и тие кои не се домашни даваат свој придонес за социјалната држава и дека не живеат на нејзина сметка“, се истакнува во коментарот во „ВАЦ“.