1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и Романија: Повеќе од само зборови?

Оле Кемпер / Елизабета Милошевска Фиданоска11 јули 2012

ЕУ е загрижена поради внатрешнополитичката борба за власт во Романија. Но правните можности за влијание врз настаните во Романија се ограничени.

https://p.dw.com/p/15VAe
Фотографија: Bilderbox / DW Montage

Внатрешнополитичката борба за моќ меѓу романскиот премиер Виктор Понта и претседателот на државата Трајан Басеску кому му се заканува одземање на мандатот ја мобилизираа ЕУ. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ќе се сретнат на разговори со Понта уште неделава. Меѓутоа, многу можности за влијание немаат, барем не во правен смисол.

Прецизно погледнато им останува само еден член за дејствување - членот 7 од ЕУ-договорот. Тој на ЕУ и‘ нуди драстични можности за санкционирање на одделни држави членки - од запирање на важна финансиска помош до одземање на гласот во Советот на ЕУ. Предуслов е шефовите на држави или влади на ЕУ да утврдат со четири петтинско мнозинство дека постои „недвосмислена опасност од тешка повреда“ на основните права на Унијата од страна на една држава членка. Овој член меѓутоа, од неговото воведување во 2000 година досега не е применет и тоа поради добра причина. „Членот седум е многу остар инструмент“, објаснува Франк Шоркопф, експерт по државно и европско право на Универзитетот Гетинген. „Зашто ЕУ, во основа, не сака да утврди дека некоја од нејзините членки станала она што не треба.“

Victor Ponta
Виктор ПонтаФотографија: picture-alliance/dpa

Затоа Европската комисија во случајот на Унгарија на почетокот на годинава употреби еден друг инструмент. Поради различни спорни закони таа посегна по членот 258 од Договорот за начинот на работа на ЕУ (АЕУВ) и отвори постапка пред Европскиот суд за повреда на Договорот. Слична постапка во случајот на Романија меѓутоа е исклучително тешка, вели Шоркопф за Дојче веле. „Со тужба за повреда на Договорот врз основа на членот 258 не може да се утврди дека постапката за одземање на функцијата на претседателот е спротивна на правилата на Унијата. Тоа нема да успее веќе кај делот на надлежностите, затоа што изборот и отповикувањето на романскиот претседател немаат апсолутно ништо со ЕУ“, објаснува Шоркопф. Така е освен ако тоа се случува на начин кој значи тешка повреда на демократските вредности. „Тогаш повторно доаѓаме на примената на членот 7. Помеѓу нема ништо и тоа е можеби проблемот што во моментов го имаат одделни органи на ЕУ кои сега се јавуваат за збор.“

Symbolbild Rumänien EU-Beitritt
ЕУ ќе употреби „мек инструментариум“Фотографија: AP
Traian Basescu
Трајан БасескуФотографија: picture alliance/dpa

Шоркопф наведува дека ЕУ прво ќе остане на „мек инструментариум“ и ќе дејствува преку јавни апели и дипломатско заладување, со надеж дека јавниот притисок ќе доведе до враќање на заедничките основни вредности на ЕУ.