1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ и САД го опоменуваат Египет

ЖА/дв/дпа/афп/ртре8 август 2013

Египет прогласи неуспех на меѓународните посредувања за решавање на конфликтот во земјата, но ЕУ и САД не се откажуваат. „Ние сме и натаму подготвени да помогнеме, ако ни биде овозможено“, стои во нивното соопштение.

https://p.dw.com/p/19M5V
Фотографија: Reuters

ЕУ и САД и натаму ќе се залагаат за „силен, демократски, отворен Египет во кој ќе владее благостостојба. Демократски Египет може да го води целиот регион во подобра иднина“, се вели во заедничкото соопштение на американскиот министер за надворешни работи Џон Кери и високиот ополномоштеник на ЕУ за надворешна политика Кетрин Ештон.

„Загрижени сме што владата и лидерите на опозицијата не најдоа начин како да ја надминат опасната статус кво ситуација и да спроведат мерки на градење доверба“, истакнуваат Кери и Ештон.

„Ситуацијата во Египет и натаму е исклучително фрагилна, не само што постои опасност од натамошно крвопролевање и засилено поларизирање, туку се попречува и толку значајното економско заздравување преку успешен политички расплет. Египетскатавлада сноси поесебно одговорност за напредувањето кон демократија што за цел има безбедност и благосостојба на граѓаните. Сега не е момент за меѓусебно префрлање на вината, туку за преземање чекори за почеток на дијалог и подготовка на политички пресврт“, велат Кери и Ештон. Во соопштението двајцата западни политичари бараат ослободување на затворените политичари, без да се спомене името на екс-претседателот Мохамед Мурси. Исламистот, кој потекнува од редовите на Муслиманското братство, по неговото соборување пред околу еден месец од страна на војската, е чуван на тајна локација.

Ashton reist zu Krisengesprächen nach Kairo
Кетрин Ештон неодамна беше на кризни разговори во КаироФотографија: Reuters/Amr Abdallah Dalsh

Дипломати од Америка и Европа во минатите денови се обидоа да посредуваат меѓу египетската армија и Муслиманското братство, но вчера привремената влада прогласи конечен неуспех на нивните напори.

Според привремениот претседател Мансур, причината за неуспехот на дипломатските напори лежи во Муслиманското братство, бидејќи тоа придонесло за нивниот пад како и за развојот на настаните што следел со прекршувањето на законот и загрозувањето на јавниот ред и мир.

Повеќе од 250 лица загинаа во протестите по пучот против поранешниот претседател Мохамед Мурси. Муслиманското братсво бара негово враќање на функцијата. Илјадници негови приврзаници протестираат во два кампа, а владата повеќепати се закани да ги отстрани, ако треба и со употреба на сила.