1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ кова мастерплан за еврото

Кристоф Хаселбах/ Симе Недевски6 јуни 2012

Врвните претставници на Европската унија размислуваат за нови интеграциски чекори, за да се спаси заедничката европска валута. Визиите мора да се претстават што е можно побргу, зашто кризата се’ посилно притиска.

https://p.dw.com/p/158JS
Фотографија: picture alliance/dpa

Весникот Велт ам Зонтаг пишуваше за таен план за Европа. На него, според весникот зад кулисите работат претседателот на Советот на ЕУ, Херман ван Ромпој, претседателот на Европската Комисија Жозе Барозо, шефот на Евро групата Жан Клод Јункер и претседателот на Европската централна банка Марио Драги. Меѓутоа планот на врвните европски претставници воопшто не е таен. Факт е дека на ЕУ Самитот на 23 мај, овие четворица добија налог до наредниот регуларен самит на крајот на месецов да размислуваат за долгорочно решение за кризата, која од тогаш наваму се заостри. Главниот проблем изгледа повеќе не е дали Грција ќе остане во монетарната унија, туку дали Шпанија ќе биде во состојба, да ги спаси нејзините презадолжени банки. Кој сакаше, можеше уште минатата недела да чуе некои предлози од врвот на ЕУ.

Очигледно наменето за Шпанија, Жозе Барозо на пример говореше за идејата за „банкарска унија со единствен финансиски надзор и заедничко осигурување на влоговите“.

Претпазливата канцеларка

Bundeskanzlerin Merkel empfaengt EU-Kommissionspraesidenten Barroso
Германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на ЕК, Жозе Мануел БарозоФотографија: dapd

Што тоа точно значи, Барозо не прецизираше. Меѓутоа во понеделникот тоа стана уште појасно. Еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен по средбата со новиот министер за финансии на Франција потенцираше дека е важно „да се размисли за директна рекапитализација на банките“. Притоа се мисли дека европските фондови за помош- ЕФСФ и ЕСМ треба под закрила да ги земат и загрозените банки, на пример шпанските. Досега само државите смееја да земаат помош од фондовите. Ако е до германската влада, тоа засега така треба и да остане. Таа стравува дека Германија ќе треба да плаќа за шпанските банки, без да има каква било контрола врз нив.

Сепак на средбата меѓу канцеларката Ангела Меркел и Жозе Барозо во понеделникот вечерта во Берлин, домаќинката дозволи да се насети определена подготвеност за компромис.

„Ние ќе разговараме за тоа во колкава мерка системските банки би морале да се постават пред специфичен европски надозор“, рече Меркел но потенцираше дека тоа се долгорочни размислувања. Зборот „банкарска унија“, го одбегна. Канцеларката очигледно го дели мислењето на многумина дека вака повеќе не може да се оди натаму со монетарната унија. Дури и фискалниот пакт кој беше „роден“ со големи напори е среде тежок процес на ратификација според Меркел не е доволен чекор за решавање на кризата.

Драги: еврото во сегашната форма не е оддржливо

Deutschland EU Euro EZB Mario Draghi Europäische Zentralbank
Претседателот на Европската централна банка Марио ДрагиФотографија: picture-alliance/dpa

Меркел со тоа  реагираше на изјава на шефот на ЕЦБ Марио Драги од минатата недела пред комисијата за економска и монетарна политика на Европскиот парламент, која на почеток мина речиси незабележана од големите медуми:

„Конфигурацијата на еврото, која ја имаме околу десет години и која севкупно важеше за оддржлива, сега се покажа како неоддржлива, што значи дека ќе следуваат натамошни чекори“, рече Драги и драматиката на неговата изјава полека но сигурно се пробиваше во јавноста. Највисокиот заштитник на монетарната сигурност повеќе не верува во иднината на еврото со сегашната структура.

Драги беше конкретен и во поглед на натамошните чекори. Според него нареден чекор за водечките европски политичари мора да се состои од тоа, јасно да определат каква визија имаат за наредните години. „Колку порано го кажат тоа толку подобро“, порача Драги.