1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ лидерите го прогласија самитот за успешен

Кристоф Хазелбах/Б. Георгиевски29 јуни 2013

Латвија се придружува на еврото. Хрватска влегува во ЕУ. Србија започнува преговори за членство, додека Косово ги засилува врските со блокот. Чувство на оптимизам провејуваше на дводневниот самит.

https://p.dw.com/p/18yPz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Самитот заврши со повеќе позитивни заклучоци. Успешно беше подигнато мрачното расположение во блокот предизвикано од рецесијата и невработеноста. Латвија ги исполни условите за влез во еврозоната од 1. јануари следната година. Со буџетски дефицит од само 1 процент и државен долг од околу 40 отсто од економското производство, балтичката држава има далеку подобри статистики од многу земји кои се веќе во еврозоната.

„Не толку одамна многумина говореа дека еврозоната се распаѓа. Сега го гледаме спротивниот процес“, оцени претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо.

И самата ЕУ ќе се прошири- и следниот месец, а веројатно и во следните години. Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпој го поздрави влезот на Хрватска во ЕУ. Тој исто така рече дека европските лидери се договориле „наскоро да отпочнат преговори со Србија, и да преземат голем чекор во однос на Косово“. Односите со Косово ќе бидат продлабочени преку Договорот за стабилизација и асоцијација, што е прв чекор на патот кон можни преговори за членство.

„Да не заборавиме што се случуваше не толку одамна во тој дел на Европа со една од најкрвавите војни“, рече Барозо, подвлекувајќи го значењето на мирот во регионот.

Различни економски погледи

Од самитот дојдоа и позитивни економски и финансиски вести. Повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2014- 2020 го даде одговорот на прашањето кој ќе плаќа доколку на банките повторно им е потребна помош, а лидерите се договорија и за проект со кој треба да се намали невработеноста меѓу младите.

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека е задоволна од резултатите, но предупреди дека не смее да има опуштање. „Направивме уште еден чекор напред, но се‘ уште не ја постигнавме целта“. Таа повика на продлабочување на економската и финансиската унија.

EU Gipfel Merkel mit Rompuy und Ashton 28.06.2013
Кетрин Ештон, Ангела Меркел и Херман Ван РомпојФотографија: Reuters

Дека „се‘ уште има многу работа“, како што рече Меркел, се гледа од тешкотиите кои некои држави ги имаат во остварувањето на нивните задачи. Изминатите недели, француската влада се судри со Европската комисија, по што францускиот претседател Франсоа Оланд обвини дека препораките за реформи од Комисијата се „диктат од Брисел“. Оланд во меѓувреме ја релативизираше кавгата, но остана на својот став. „Очекувам дека заедничките институции ќе работат заеднички во духот на дијалог“, рече тој.

Се чини дека на крајот, францускиот лидер се обидуваше да се извлече од непријатната ситуација, но оваа битка може да биде и најава за поголемиот конфликт кој следува.