1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ нема да биде воена велесила

К. Хаселбах/ртр/Б. Георгиевски20 декември 2013

На самитот во Брисел, лидерите на земјите-членки на ЕУ се договорија за потесна воена соработка во иднина. Но, кога ќе се спомене конкретна соработка, тогаш почнуваат проблемите

https://p.dw.com/p/1AdnU
Фотографија: REUTERS

Лидерите на ЕУ синоќа се договорија за потесна соработка во областа на одбраната, но го отфрлија предлогот на францускиот претседател Франсоа Оланд за заедничко финансирање на воената мисија на неговата земја во Централно африканската република.

Зафатени од финансиската криза, европските земји во изминатиот период ги намалија издатоците за одбраната и армијата, со што значително опадна и воената моќ на континентот. Одбраната, како тема, за првпат се најде на агендата на еден самит на ЕУ по пауза од пет години, и притоа е постигнат договор земји-членки да работат заедно за поделба на трошоците за развој на скапата воена опрема.

Дали на секој европска држава и треба сопствена воздушна флота? Мораат ли европските држави да развиваат различни типови тенкови? Треба ли во секоја земја да бидат обучувани воени пилоти? Без разлика дали заради национален престиж, од традиција или поради домашната воена индустрија, во одбранбената политика на европските земји се пресликуваат скапите структури. Во период на добра економија, тоа и има некаква улога. Но при намалени буџети тоа создава проблеми, а решението е во соработката со која може многу да се заштеди.

Договорено е заеднички да се работи на развој на европски дрон во периодот од 2020- 2025 година, и да се изработи нова генерации на сателитска комуникација.

Лондон против воени сили

Британскиот премиер Дејвид Камерон ја поздрави заложбата за поблиска одбранбена соработка, но предупреди дека нема да поддржи создавање на заедничка европска армија. Официјален Лондон се спротивставува на тоа ЕУ да добие поголема воена ролја, стравувајќи дека тоа ќе го ослабе НАТО. Гостин на самитот беше и генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен кој се обиде да ги ублажи стравувањата на Камерон. „Нема судир меѓу засилената одбранбена способност на Европа и силен НАТО“, рече Расмусен. Според него, воопшто не станува збор за тоа да се формира заедничка европска армија, туку за засилување на соработката и на националните способности.

EU-Gipfel Francois Hollande und Angela Merkel
Франсоа Оланд и Ангела МеркелФотографија: Lionel Bonaventure/AFP/Getty Images

Франција, која веќе испрати 1.600 војници во Централно африканската република каде беснее граѓанска војна, бараше воспоставување на постојан ЕУ фонд од кој ќе се финансираат воените мисии, како актуелната. Иако некои европски влади испратија логистичка поддршка за мисијата, мнозинството се спротивставија на предлогот, оценувајќи дека Унијата може да финансира само заеднички воени мисии, а не национални како француската кои се изведуваат без одобрение од останатите земји-членки.

„Ние не можеме да финансираме мисија за која не сме учествувале во процесот на донесувањето на одлуките“, рече германската канцеларка Ангела Меркел. Меркел потоа порача дека „ЕУ не може да ги решава проблемите насекаде низ светот, но дека може да ги опреми земјите тоа самите да го прават.