1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ нема начин да ја притисне Грција за спорот со името!

11 декември 2009

Европарламентарката Дорис Пак во изјава за Дојче веле, вели дека нема начин ЕУ да изврши притисок врз Грција за да се надмине спорот за името и Македонија да ги почне преговорите со Унијата.

https://p.dw.com/p/Kzgl
ЕУ е немоќна, со жалење констатира Дорис ПакФотографија: Europäisches Parlament

Дорис Пак вака ја коментара одлуката на Советот на министри да ја одложи одлуката за утврдување датум за почеток на преговори за Македонија

„Одлуката, која всушност и не беше одлука, ме прави многу тажна. Мислам дека тоа е погрешен сигнал кој го испративме кон Македонија. Земјата го исполни Охридскиот договор, работеше напорно на европскиот пат.

Жално е што ЕУ нема никаква алатка за да ја притисне Грција да се однесува поинаку. И националистичките тонови кои доаѓаат од Грција и од Македонија не помагаат за да се реши проблемот. Според мене, двете земји пред извесно време беа блиску до решение кога Македонија беше подготвена да прифати додавка на името, но Грците рекоа дека придавката Македонија не може да се користи. За мене тоа беше неверојатно. Како овие луѓе да паднале од небото и да немаат име, сопствен идентитет. Тие се Македонци кои живеат во Македонија, а не во Грција, каде живеат други Македонци. Затоа, за мене ова е ситуација која е неприфатлива, но за жал парламентот не може да стори ништо.

Сфаќам дека на граѓаните на Македонија им е преку глава од ова прашање. Дека тие сакаат да им испратиме сигнал дека го респектираме она што го сторија, а од друга страна, сметам дека и во Грција има такви луѓе, на кои им е преку глава од овој спор.

Се надевам дека ќе се најде решение за проблемот, но нема начин како ние да помогнеме. Луѓето не разбираат дека не постои начин ние од ЕУ да ја притиснеме Грција да попушти. “

Автор: Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема